Хилари Клинтон за Газа: Прекин на огнот имаше на 6 октомври, Хамас избра да го прекрши

Поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон во емисијата „Поглед“ на Еј-Би-Си зборуваше за ситуацијата во Газа и објасни зошто не повикува на прекин на огнот.

„Запомнете, имаше прекин на огнот на 6 октомври, кога Хамас го прекина со нивниот варварски напад врз мирни цивили“, изјави таа.

„Имаше прекин на огнот. Не се одржа бидејќи Хамас избра да го прекрши“, нагласи Клинтон.

„Хамас постојано го кршеше примирјето во текот на неколку години… Израел има право да се брани, како и Украина. Израел треба да се однесува според правилата за војна и да направи сè што може за да ги спречи и ограничи цивилните жртви“, рече таа.

Клинтон објасни дека била во Газа и ја разбира тамошната ситуација и користењето на цивилите „како воени алатки“ од страна на Хамас.

Прочитајте и:  Хамнеи: Апсење не е доволно, треба смртна казна за израелските лидери

„Мислам дека сега се движиме кон позиција каде што хуманитарните паузи се на маса, како што треба да бидат… Треба да запомниме дека над 240 невини луѓе, не само Израелци, се држат како заложници во Газа. Тоа е мултинационална заложничка ситуација“, нагласи таа.

Клинтон ги објасни и обидите низ годините за мировен договор меѓу Израел и Палестинците, како и едностраното повлекување на Израел од Појасот Газа.

„Сметам дека е императив… конечно да се обидеме да го отфрлиме Хамас и да имаме власти кои ќе работат на решение за две држави, што треба да биде исходот за кој сите се надеваме и се молиме“, рече поранешната американска државна секретарка.

МИА

- Реклама -