Додека SSD драјвовите да станат поголеми и поевтини, хибрдините хард дискови – комбинација на традиционален хард диск со голем капацитет и брз SSD – се одличен компромис.
Особено сега откако сингапурскиот Data Storage Institute создал 2,5 инчен хибриден хард диск од еден терабајт кој е само 4,98 милиметри дебел. Ако овој хард диск има пристојна цена, тоа би значело дека тенките лаптоп компјутери како MacBook Air би можеле, во теорија, да станат поевтини, а можеби дури и малку потенки.
Овој хибриден диск е доволно тенок што може да биде употребен и во таблет, иако тоа најверојатно би било лоша идеја поради кршливоста на компонентите. Покрај терабајтот традиционална меморија A-Drive содржи и 32 гигабајти SSD меморија за оперативен систем, друг софтвер или поголеми фајлови до кои е потребен брз пристап.
Тајната зад овој успех на DSI е во уникатниот дизајн на моторот кој ги ротира дисковите. Тој не само што е потенок, туку е и поефикасен и ја намалува потрошувачката на електрична енергија за 70 проценти со што би го продолжил животот на батеријата во вашата направа. За жал овој хард диск сè уште не е достапен, но речиси сигурно е дека нема да биде тешко да се убеди некоја компанија да започне со производство. [A*STAR’s Data Storage Institute launches next generation 5mm hybrid hard disk drive]