Херојска победа над Австрија: Македонија во ТОП 12 на ЕП!

И покрај сите проблеми со кои се соочуваше пред и за време на турнирот, Македонија е во Топ 12 фазата на Европското првенство во Данска откако во извонредно драматичен натпревар славеше против Австрија со 22-21 (12-10) на последниот наш натпревар од групната фаза на шампионатот.

На крилјата на извонредниот Борко Ристовски кој го заврши натпреварот со 19 одбрани и феноменалниот Кире Лазаров кој постигна гол за да ни донесе нова победа во последните секунди од средбата, Македонија повторно живее одлични денови на еден европски шампионат повторувајќи го успехот од претходното ЕП во Србија.

kire sut

Борко Ристовски одлично го почна мечот, бранејќи ги првите два удари на противниците. Австријците беа брутални во одбраната, па по само две и пол минути игра останаа со двајца играчи помалку, по исклучувањата на Вагерстритер и на Колар за стартовите над Миркуловски, односно Ангеловски. Примивме гол во ситуација со двајца ракометари повеќе, но со погодоците на Манасков и на Ангеловски сепак обезбедивме предност од 2-1.

Ристовски продолжи со одлични интервенции, со што овозможи со двата пенали на Лазаров да поведеме со 4-1, по неполни осум минути игра принудувајќи го австрискиот селектор да побара тајмаут. Следеше исклучување на Ангеловски, по кое Австрија два пати реализираше преку пикерот Фолсер. Георгиевски промаши зицер од противнапад, веднаш потоа не реализираше ниту Миркуловски, но за среќа на голот го имавме Ристовски, кој за 13 минути имаше шест одбрани, колку на целиот дуел со Чешка.

Сепак, и Австријците имаа свој адут во голманот Мариновиќ, кој не дозволи да направиме посериозна предност со уште неколку одлични интервенции. Лазаров капитенски ја прекина серијата на австрискиот голман, потоа погодија и Стоилов и Георгиевски, па Австријците одново зедоа тајмаут, овојпат во 23. минута при водство на Македонија од 9-6. Следеше период во кој и двете селекции ги реализираа нападите, процентот на одбрани на голманите опадна, па на одмор заминавме со предност од 12-10.

Ристовски го продолжи своето шоу на стартот од второто полувреме, кога при првиот напад на Австријците нанижа уште две одлични одбрани. Ангеловски погоди, одново имавме напад за „плус четири“, но по промашувањето на Миркуловски противникот одговори со лесен гол од контранапд на Вебер. Миркуловски конечно го постигна својот прв гол за 14-11, но следеше исклучување на Дејан Манасков. Австрија постигна само еден гол во тие две минути, но проблемите во нашиот напад стануваа се поочигледни. Немавме одговор за нешто поагресивната игра на Австријците, не постигнавме гол четири минути и му овозможивме на противникот да израмни на 14-14.

Прочитајте и:  Премиера на „12“ со моќна актерска екипа како поротници

Серијата на противникот ја прекина Стоилов, а една минута подоцна добивме и ситуација со играч повеќе по исклучувањето на Херман. Лазаров погоди за 16-14, но следеше несреќно примен гол, а потоа и промашување на Пецаковски. Манасков продолжи со индиспонирана игра откако најпрвин направи пенал, а потоа промаши зицер во ситуација кога имавме играч помалку. Следеше уште едно исклучуваање, овојпат за нашиот капитен Лазаров. Противникот знаеше како да го искористи тоа, најпрвин Пецаковски промаши, а потоа Шлингер погоди за 17-18, прво водство на Австрија на натпреварот. Следеше промашен пенал на Манасков, по што конечно се комплетитравме и во последните единаесет минути влеговме со еден гол негатива (17-18). Проблемите во играта во напад продолжија, ниту тајмаут на Обрван не помогна. На спротивната страна Манасков наивно заработи уште едно исклучување, со што уште повеќе се зголемија проблемите со неефикасноста.

brance so avstrija

Во 25. минута исклучен беше Сантош, па Лазаров од пенал конечно ја прекина серијата од дури девет минути без постигнат гол, намалувајќи на 18-19. Проблемите станаа уште посериозни на стартот од 26. минута, кога Стоилов погоди за 19-20, но остана да лежи на теренот жалејќи се на повреда на дланката. Нашиот прв пикер сепак собра сили и го продолжи мечот, за веќе во следниот напад да постигне нов гол за израмнување на 20-20. Борко Ристовски со својата 19. одбрана овозможи да имаме напад за водство. по што следеше нов брутален старт врз Миркуловски, па Лазаров од пенал носи водство за нас од 21-20.

На 70 секунди пред крајот и со играч помалку Австријците со голот на Шлингер дојдоа до израмнување на 21-21. Но, Македонија го има големиот Кире Лазаров кој на 30 секунди пред крајот со удар од 9 метри носи за нас водство од 22-21. Последниот напад Австријците не успеаја да го искористат за наша голема победа.

Борко Ристовски го заврши дуелот со 19 одбрани. Кире Лазаров постигна 8 гола со уште еден одличен натпревар, со четири гола заврши Стојанче Стоилов, три погодоци запиша Бранче Ангеловски, а по два гола имаа Манасков, Филип Миркуловски и Гоце Георгиевски. Кај Австријците Вилчински заврши со 7 постигнати гола, а Шлингер постигна пет. Мариновиќ на голот имаше извонредни 22 одбрани.

Ние сега го чекаме последниот дуел од нашата група меѓу Данска и Чешка како би дознале колку бодови ќе пренесеме во следната фаза од натпреварите на Европското првенство.

Извор: ekipa.mk

- Реклама -