Хеликоптерот на Агустин

Agustin2[1]

Колку често ја ограничуваме имагинацијата – и нејзиниот уметнички производ – со очекувања што се соодветни единствено на физичката реалност од секојдневниот свет? Која е цената на овие стеги? И која е моќта на ослободениот креативен процес?

Овие и уште многу теми се поставени, па ќе се дрзнам да речам – и решени, во оваа прекрасна приказна за еден сиромашен и подведнат селанин од Хондурас, кој последниве 50 и кусур години гради хеликоптер од парчиња отпад.

Склони сме да забораваме колку може да издржи човечката душа, а особено колку е важен сонот – тој непрегорлив мотор што може да ѝ даде сила и боса да го пречекори пеколот. Видеово ќе ви го долови тоа. Од екранот ќе ви истури емоции чии флеки нема да можете да ги исперете долго време, затоа што ќе ви текне на чичето што си ја расклопи новата инвалидска количка за да додаде уште некој дел во тоа што самиот, но без потценување, го нарекува „карикатура од хеликоптер“. Внуците му рекле: „Барем да ја расклопеше старата, сега ќе имаше и количка, и делови за хеликоптерот“; ама Агустин знае дека деловите од новата се подобри за неговиот хеликоптер. Нема смисла да го жртвува него, кога од перката до роторот го градел 20 години и знае да ја објасни функцијата на секое можно штрафче.

Agustin3[1]

Го сметаат за луд, а тој е повеќе од свесен дека сите, море дека целиот светот му се потсмева, дека не верува дека неговото ѓубре може да полета. Но, Агустин сонува за тоа уште од дете, кога сакал да стане пилот, а не можел, заради неговата болест – полиомиелитис од нозете па надолу. А, не е само светот. Неговиот роден брат, кој станал пијаница и „умрел без причина“, редовно одел пијан по селото и викал на цел глас „Јас не сум будалата! Јас сум пијаницата! Брат ми е лудиот! Тој пробува да направи хеликоптер од стапчиња и да лета со него! Го познавам! Тој е идиот!“

Во меѓувреме, на патот да стане пилот, Агустин е чевлар. Сиромашен, но обожуван од својата сопруга до крајот на нејзиниот живот. Сиромашен, но ќе најдете неколку млади луѓе во селото кои ќе потврдат дека кога шетале боси, тој им дал бесплатен пар чевли.

Неговите внучиња не сакаат да го посетуваат. Не можат да ја поднесат глетката на неговото страдање. Тоа ги потсетува дека има и други луѓе како него, а таа помисла им предизвикува солзи на очите. А Агустин навистина страда, но најмногу во име на другите:

243075585_1280x720[1]

„Проблемот е што сé е неверојатно и волшебно, а луѓето не го прифаќаат…

Сега имаме компјутери и телескопи во вселената што гледаат во празното, и тон други чудесни нешта…

…Никогаш не се сметав за способен, бидејќи сум чевлар. Згора на тоа и роден сум фаличен; едната нога ми е подолга од другата. Имам и други проблеми што се резултат на борбата со животот…“

Дури и свештеникот од локалната црква се потсмева на неговиот хеликоптер: „Дефинитивно ќе го погребаме Агустин на нашите гробишта. Ама не и неговиот хеликоптер. Нема место за хеликоптер на нашите гробишта“. Од друга страна, ќе рече:

„Се прашувам колку ли Агустин го има платено тој негов сон, во крајна смисла. Мислам дека има платено многу. Мислам дека има платено ужаааасно многу за тој хеликоптер. И ќе речеш ‘Што добил сега од тоа?’ Не знам… Можеби хеликоптерот го одржува во живот. Можеби му има помогнато да се избори со осаменоста, можеби благодарение на него ја совладува сиромаштијата… Не знам…“ 

Ќе полета ли некогаш хеликоптерот на Агустин кон облаците? Тешко. Но, тие што се способни да видат во душата на уметникот, тие можеби ќе разберат дека неговата приказна не е за тоа дали хеликоптер од отпад може да лета, туку за тоа што значи „да се лета“.

- Реклама -