Лидерот на партијата Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај побара меѓународна истрага за нападот врз косовската полиција на северот, каде што во неделата беше убиен еден и ранети двајца косовски полицајци, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај, кој е поранешен премиер на Косово, рече дека настаните на северот на државата и „терористичкиот напад врз косовската полиција се дел од сценариото подготвено во Белград“.
„Настаните на север и терористичкиот напад врз косовската полиција се дел од сценариото подготвено во Белград. Реакцијата на косовската полиција претставува исполнување на должноста за заштита на редот и законот. Односот на Владата на Србија и нејзината усогласеност со криминалните и паравоените групи е многу вознемирувачки во оваа ситуација и е јасен сигнал дека државата Србија е вклучена во вооружените напади на криминалните групи на север. Затоа, во таква ситуација неопходна е меѓународна истрага за разобличување на сценаријата за дестабилизација на ситуацијата не само на Косово, туку и во целиот балкански регион“, напиша Харадинај на својата страница на Фејсбук.
МИА