Харадинај: Албин Курти и Вјоса Османи го вратија Косово десет години назад!

Албин Курти и Вјоса Османи за помалку од три години на власт го вратија Косово 10 години наназад, обвини експремиерот на земјата и претседател на Алијансата за иднината на Косово – Рамуш Харадинај, откако САД го ислкучија Косово од воената вежба „Бранител – Европа 2023“ поради тоа што Приштина не се консултирала со нив за акциите во северно Косово и не одговорила на апелите за деескалација на тензиите.

Премиерот Курти и претседателката Османи, според Харадинај, не оставиле ниту еден успех непревртен наопаку.

„Исклучувањето на Косово од НАТО вежбата ‘Бранител – Европа 2023 (Defender Europe 2023) e аларм за нашата национална безбедност. Мора да си многу кусоглед за да станеш непријателски настроен кон целиот демократски свет во вакво деликатно време“, критикува Харадинај.

Прочитајте и:  Идна надворешна политика на ЕУ: Главна е поддршката за Украина, поделба на Косово не доаѓа предвид

„Земјите со децении инвестираат да формираат пријателства и алијанси. Во нашиот случај, се појави Албин Курти и се обидува да ги сруши. Имало и други во нашата историја кои сакале да ги срушат овие сојузи, но Косово беше поголемо од нив и триумфираше. Косово нема избор освен и овој пат да триумфира.

Луѓето од Косово, кои се најпрозападни на континентот, ќе знаат како да ги заштитат нивните пријателства и да го задржат курсот. Албин Курти е премал за да ја смени насоката на Косово и неговиот народ.

Тој има само една шанса да направи нешто добро за Косово еднаш во неговиот живот – негова оставка денес!“, порача Харадинај на Фејсбук.

- Реклама -