Во средата, на 24-ти, ден пред католичкиот Божиќ, една мала група жители на Хонгконг имаа неверојатна среќа. Десетина возачи и пешаци се стрчаа среде улица за да грабнат што повеќе од купиштата расфрлани пари, откако по сообраќајна несреќа се отворија вратите на блиндиран камион што пренесувал 4.5 милиони долари!
Полицијата побара од луѓето да ги вратат парите, ама луѓето мува не ги полази и ниту еден од нив доброволно не се пријави за да го врати грабнатото. Сепак, полицијата не попушта, а веќе уапси двајца такси-патници (43-годишен маж и 36-годишна жена) кои беа во првите редови на „собирачите“.
„Ги најдовме парите сокриени под нивните кревети во нивните домови и тие признаа дека ги земале на Глочестер, откако се симнале од таксињата во кои се возеле.
Во случај да се прашувате зошто рековме дека затекнатите имале неверојатна среќа – до сега, полицијата успеа да пронајде и врати околу 733.000 долари, најдени на патот и на други локации. Остатокот… со здравје да си го трошат. Празници се.