Хаос со електронскиот систем на ДИК, преку 80 илјади гласови се погрешно распределени?

Ултра-модерниот систем што требаше да им понуди на граѓаните резултати во „реално време“, крахира неколку минути по затворањето на гласачките места. За момент се појавија првични резулати, а оттогаш наваму веб платформата на Државната изборна комисија – rezultati.sec.mk, покажуваше само повремени знаци на живот, дотаму што ДИК мораше да ја стримува на YouTube, како во некое не толку модерно време. И претседателот и портпаролот на ДИК вчера на прес-конференциите признаа дека се работи за надворешен хакерски напад, но уверуваа дека проблемот е само, така да се изразиме, козметички, односно дека попречен е пристапот на граѓаните до платформата, додека самиот систем за електронско пребројување на гласовите функционира сосема нормално – оттаму и YouTube стримувањето на „легитимните“ резултати.

Меѓутоа, изгледа дека проблемот е многу поголем, а во ДИК владее вистински хаос. Откако резултатите објавени по 3 часот утрото предизвикаа низа нелогичности и сомнежи, во ДИК рачно се проверуваат сите записници, пренесува „360 степени“:

„Сѐ уште се врши прием на материјалот од општинските изборни комисии и при тоа рачно се проверуваат записниците за сумирање и утврдување на резултатите од избирачките места (записници бр.16) , како и записниците за сумирање и утврдување на резултатите од општините (записник бр. 21), со цел точно да можат да се утврдат неофицијалните конечни резултати. Неофицијалните конечни резултати ќе бидат соопштени на попладневната седница на Државната изборна комисија“, велат од ДИК.

Симулацијата на пратенички мандати, од една страна, ги промаши сите индивидуални проценки на аналитичките тимови на партиите. Според последната симулација, СДСМ има освоено 46 мандати, ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, Алијанса и Алтернатива – 12, Левица – 2 и ДПА – 1 мандат. На прес-конференција доцна синоќа, Заев најави 49 мандати за СДСМ и „Можеме“, а три помалку за ВМРО-ДПМНЕ, односно 46, што не е мала разлика во однос на оваа во симулацијата на ДИК. Од друга страна, од ДУИ изјавија дека освоиле 12 од очекувани 13 мандати, а според симулацијата на ДИК имаат 15, што повторно не е мала разлика.

Со сопствена анализа за нелогичности излезе и „Независен“. Резултатите што се појавија на платформата по 3 часот утрото, кога конечно истата живна, не се совпаѓаат на државно и на ниво по изборни единици, пишува порталот.

„Канал 5“, пак, во текст полн со критики во кој се бараат оставки од цела Државна изборна комисија, објави за друг, како што велат, „бисер“ во резултатите. Имено, во Ново Село (Струмичко), според резултатите на платформата, победила Алијанса на Зијадин Села, што, според нив, е апсурд. Освен тоа, „Канал 5“ се повикува на извор од ДИК, кој тврди дека хаосот е толку голем што преку 80.000 гласови се погрешно распоредени.

Порталот „САКАМДАКАЖАМ“, во меѓувреме, објави дека ДИК ѝ го дала сајтот на компјутерска фирма, без оглас – со директно преговарање, една недела пред избори. Постапката за набавка на софтвер завршила на 8 јули 2020, кога била одбиена жалбата на „Ај Воут“, фирмата која што без проблеми го одржуваше сајтот на ДИК од 2006 година, т.е. од формирањето на ДИК како постојано тело, пишува порталот.

Набавката на софтверот е спроведена со преговарање без објавување на оглас, а како најповолен понудувач беше избрана фирмата „Дуна“. Одлуката за избор на „Дуна“ е донесена на 22 јуни 2020. Истиот ден, „Ај Воут“ поднела жалба, која што е одбиена од Државната комисија за жалби по јавни набавки како неоснована на 8 јули 2020. Повеќе детали ТУКА.

Платформата rezultati.sec.mk не беше единствената што клекна пред хакерите. Синоќа, по полноќ, настрада и агрегаторот Time.mk, кој во реално време ги пренесуваше резултатите од платформата. Според твитовите на администраторот на агрегаторот на вести, борбата траеше повеќе часови, за потоа по полноќ на почетната страна на Time.mk да се појави порака со обележја на хакерската група „Анонимус“, но и сонцето од Вергина (повеќе ТУКА).

- Реклама -