Хантер Бајден призна вина во случајот за даночно затајување

Синот на актуелниот американски претседател, Џо Бајден претходно ги негираше наводите на федералните обвинители дека намерно избегнал да плати данок од 1,4 милиони долари помеѓу 2016 и 2019 година

Во ден исполнет со првни расправии и пресврти Хантер Бајден, син на актуелниот американски претседател, Џо Бајден се изјасни за виновен пред федералниот суд во Лос Анџелес во врска со обвиненијата за даночно затајување, јавуваат светските медиуми.  

Од пристигнувањето на Хантер Бајден во федералниот суд во Лос Анџелес / Фото: EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Драматичниот потег, како што го оценува „Гардијан“, се случи на денот кога требаше да започне судскиот процес против 54-годишниот Бајден кој претходно се изјасни за невин по деветте точки од обвинението.  

Тој решил да признае вина, откако обвинителите претходно се спротивставиле на неговата намера да посегне по т.н. Алфорд признание, невообичаен правен маневар каде што обвинетиот се изјаснува за виновен, но не го признава престапот.  

„Не ни е јасно што се обидуваат да направат. (Хантер Бајден) нема право да се изјасни за виновен под посебни услови кои важат само за него. Хантер Бајден не е невин. Хантер Бајден е виновен“,

рекле обвинителите, пренесува „Гардијан“.  

По приговорите на обвинителите, адвокатите на Бајден соопштиле дека тој е подготвен да поднесе „отворено признание“, каде обвинетиот се изјаснува за виновен и остава судијата да донесе одлука за казната.  

Хантер Бајден претходно ги негираше наводите на федералните обвинители дека намерно избегнал да плати данок на доход од 1,4 милиони долари помеѓу 2016 и 2019 година. 

Според британскиот национален сервис Би-би-си признавањето вина може да доведе до втора кривична пресуда за Хантер Бајден оваа година. 

Во јуни, тој беше прогласен за виновен под обвиненија за поседување оружје и дрога, со што стана прв син на актуелен американски претседател осуден за кривично дело. 

Тој претходно се обиде да ги отфрли обвиненијата, тврдејќи дека истрагата на Министерството за правда е политички мотивирана и дека тој бил селективно таргетиран бидејќи „републиканските пратеници работат на отповикување на неговиот татко“. 

Обвиненијата за даночно затајување и слични кривични дела во САД предвидуваат максимални казни од повеќе од 20 години затвор. Сепак, според правните експерти, Бајден веројатно ќе добие пониска казна бидејќи ова му прво кривично дело од ваков тип.  

Според „Гардијан“, сега кога Џо Бајден се откажа од трката за претседател и својата поддршка ѝ ја даде на потпретседателката на САД, Камала Харис која и официјално е кандидат на демократите на претстојните претседателски избори, политичкиот влог во последниот процес против Хантер Бајден ќе биде помал. Дополнително, со признавањето вина се избегнува негово судење кое би се случувало пред претседателските избори во Соединетите Американски Држави.

Инаку, по пресудата против Хантер Бајден во јуни, неговите родители Џо и Џил Бајден изјавија дека ќе ја почитуваат одлуката на судот и нема да бараат помилување за нивниот син.  

- Реклама -