Прашан за своите најголеми достигнувања во областа на проширувањето на Европската унија, во интервју за црногорскиот „Вијести“, еврокомесарот Јоханес Хан како еден од најпосебните моменти го истакна токму Преспанскиот договор, со кој се стави крај на спорот за името меѓу Грција и Македонија.
„Почнавме со изјава дека едноставно нема да има проширување на ЕУ, а сега, пет години подоцна, оставаме реален и жив европски пат за Западниот Балкан. ЕУ ќе продолжи да се залага за европска интеграција на овој регион, не поради тоа што госпоѓа А или господин Б е надлежен за овој ресор, туку затоа што се работи за нешто што е чист личен интерес на Европската унија. Се разбира, постојат посебни моменти и резултати кои се пресврт. Преспанскиот договор, кој го оконча деценискиот спор со Грција, е за во учебниците по историја. Кога дојдов на функцијата, државата се наоѓаше среде политичка криза, чие решавање подразбираше години и бројни патувања во Скопје“, рече Хан, кој ќе продолжи да биде еврокомесар, но го напушта ресорот за европроширување и добрососедска политика во ЕК, за да го преземе ресорот за буџет и администрација.
Хан истакна и дека е горд на реформите во Албанија.
„И Северна Македонија и Албанија заслужуваат отворање на преговорите за членство во ЕУ. Исто така, многу напредувавме и во регионалната соработка, било да се работи за изградба на транспортна, енергетска и дигитална инфраструктура која го поврзува регионот, воспоставувајќи регионална економска област која создава повеќе прилики за граѓаните и бизнисите, или поради придвижувањето на дигиталната агенда која резултира со простор без роаминг за сите граѓани од регионот, или поради поддршка за регионални програми за размена на млади луѓе. Во иднина посебен фокус ќе биде ставен на понатамошно отклучување на економскиот потенцијал на регионот“, вели Хан во интервјуто.
Ресорот со кој досега раководеше – европроширување и добрососедска политика, ќе го преземе досегашниот министер за правда на Унгарија – Ласло Трошањи.