Хан ги пофали Северна Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, очекува отварање на поглавјата до крајот на годината

Еврокомесарот за проширување – Јоханес Хан, денес во Виена повтори дека без решавање на билатералните спорови нема членство во ЕУ.

Тој ја истакна Северна Македонија како позитивен пример во регионот за тоа дека проблемите можат да се решат, алудирајќи на спорот меѓу Србија и Косово. Премиерот Зоран Заев исто така истакна дека решението на долгогодишниот спор меѓу Скопје и Атина може да се послужи како охрабрување за Белград и Приштина да го продолжат дијалогот.

На собирот „Нови перспективи на Северна Македонија“, во организација на Виенскиот економски форум (VEF), Хан оцени дека Северна Македонија во моментов е единствената земја на Западниот Балкан кој нема спорови со соседите, што ја прави постабилна од останатите делови на регионот.

„Постојано ме прашуваат кој прв ќе пристапи во ЕУ, а мојот одговор е секогаш ист – се работи за процес заснован на заслуги, за регата принцип, па брзината на пристапување зависи од тоа кој најбрзо напредува на тој пат. Почнавме преговори со Србија и Црна Гора и моментално тие земји формално се најнапредни на овој пат, но тоа не ја исклучува можноста Северна Македонија да успее да го надомести заостанувањето, бидејќи е единствена земја која нема ниту еден билатерален спор со соседите. Во стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан јасно рековме дека прифаќаме нови членки само ако немаат билатерални конфликти. Не сме подготвени да увезуваме конфликти“, порача Хан.

Тој оцени дека во Северна Македонија постои и политичка стабилност, посочувајќи ја подготвеноста на опозицијата на дијалог во Собранието, што Хан би сакал да го види и во другите земји од регионот.

Прочитајте и:  Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

„Во споредба со другите, ситуацијата во Северна Македонија е подобра, бидејќи таму опозицијата се однесува како вистинска опозиција, конструктивна е и учествува во парламентот во политичкиот живот, на начин каков што се очекува во една зрела демократија. Последните претседателски избори докажаа дека е можно заеднички да се напредува“, објасни еврокомесарот.

Тој порача дека таквиот напредок вродил со плод и дека поради тоа ѝ претстои пристапување на Северна Македонија во НАТО, што би требало да се случи до идната година. Сепак, како поважна од НАТО, Хан ја истакна европската перспектива, изразувајќи надеж дека ќе успее да ги увери скептиците меѓу членките на Унијата да ги отворат преговорите со Скопје што побрзо. Тој изрази уверување дека тоа ќе се случи уште пред летото, при што првите поглавја би биле отворени веќе до крајот на годината.

Тој посебно го истакна отворањето на поглавјата 23 и 24, како посебно важни за поттикнувањето на инвестиции. Како пример ја посочи Србија:

„Во Србија, по отварањето на тие поглавја, видовме не само повеќе европски, туку и меѓународни инвестции, бидејќи постоеше поголема сигурност околу правниот развој и клима отколку порано“, објасни Хан.

Како најголем предизвик во регионот, еврокомесарот го посочи одливот на мозоци. Оцени дека тоа треба и може да се спречи преку зајакнување на економијата, создавање на работни места и поголеми перспективи.

Тој истакна и дека најголем инвеститори во регионов, иако сите говорат за Кина и Русија, сепак, по бројот на компании, се ЕУ и Австрија.

- Реклама -