Хамнеи нареди директен напад врз Израел поради убиството на Ханија, тврдат ирански претставници

Тројца ирански претставници објавија дека врховниот лидер на земјата, ајатолахот Али Хамнеи, наредил директен напад врз Израел поради убиството на водачот на милитантната група Хамас, Исмаил Ханија.

Ајатолахот Хамнеи денеска во Техеран ќе ја предводи погребната церемонија на лидерот на политичкото крило на Хамас.

„Њујорк Тајмс“ пишува дека тројцата официјални претставници, вклучително и двајца членови на Револуционерната гарда, кои побараа имињата да не им се објавуваат затоа што не биле овластени да зборуваат јавно, посочиле дека иранскиот лидер ја издадал наредбата на вонредниот состанок на Врховниот совет за национална безбедност, одржан вчераутро, непосредно откако Иран соопшти дека Ханија е убиен.

Иран и Хамас го обвинија Израел за атентатот.

Прочитајте и:  Сменетиот израелски министер за одбрана: Нема причина армијата да остане во Газа

Политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, беше убиен вчераутро во Техеран, каде што присуствуваше на инаугурацијата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

Засега никој не ја презеде одговорноста за атентатот, но се сомнева дека зад убиството стои Израел, кој претходно вети дека ќе ги убие лидерите на Хамас поради нападот на групата на 7 октомври.

Поради убиството на Ханија иранската Влада за денови на жалост во земјата ги прогласи  среда, како и 1 и 2 август.

Ханија ќе биде погребан утре во главниот град на Катар, Доха, каде живееше во прогонство од 2019 година.

- Реклама -