Гвардиола: Никогаш не сум имал повеќе верба во моите играчи


Признавам дека во моментов мојот тим не е подготвен за големи работи, но го барам вистинскиот пат, изјави тренерот на фудбалерите на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола по новиот пораз на актуелниот англиски шампион.

Во 12. коло од Премиер лигата, Манчестер Сити доживеа тежок удар на домашен терен, Тотенхем победи со 4:0. Тоа беше петти пораз во низа за Манчестер Сити, во сите натпреварувања. Пред тоа, загуби на првенствените гостувања кај Борнмаут и Брајтон, дватапати по 1:2, потоа во Лигата на шампионите кај Спортинг со 1:4, а негативната серија започна со пораз од 1:2 од Тотенхем во англискиот Лига куп.

„Кога започна нашата негативна серија, на сите им кажав дека моја должност и работа е да најдам излез од тоа. Очигледно е дека сѐ уште не сум го нашол вистинскиот пат, продолжувам да го барам. Во сево ова, морам да кажам дека никогаш повеќе не сум имал верба во овој тим. Брзо ќе се снајдеме, гарантирам. Засилувања во текот на зимата? Кога мојот тим е заедно, без повреди, тогаш апсолутно ништо не му фали“, изјави тренерот Гвардиола, кој неодамна го продолжи договорот со клубот до јуни 2027 година.

Манчестер Сити сѐ уште е втор во табелата во Премиер лигата, но сега заостанува осум бода зад лидерот Ливерпул.

„Тешко е да се справиш со фактот дека треба да играш без Родриго, кој беше прогласен за најдобар во светот. Претходно имавме и други повреди, а сега надвор од терените се Ковачиќ и Рубен Диас. Не е удобна позиција, но знам дека наскоро ќе дојде фазата кога повторно ќе победиме“, оптимистички најави Гвардиола, чиј тим во вторник го очекува домашен тест од петтото коло од Лигата на шампионите против холандски Феенорд.

- Реклама -