Гвардиола ќе биде нов менаџер на Челзи

Кога Пеп Гвардиола реши да си замине од кормилото на Барселона, младиот стратег напомена дека една година не планира да има никаков тренерски ангажман, за да може да се одмори од напорниот период од работа во каталонскиот гигант.

Тој со своето семејство се наоѓа во Њујорк, но како што одминува времето, така сѐ погласни стануваат шпекулациите околу тоа каде Гвардиола ќе ја продолжи својата тренерска кариера.

Баерн Минхен бара тренер што ќе го наследи Јуп Хејнкес во јули 2013 година, статусот на Роберто Манчини во Манчестер Сити е крајно неизвесен, но сепак најголеми шанси во трката по кататонскиот стратег му се даваат на Челзи.

Роман Абрамович му нудеше богатство на Гвардиола и минатото лето, до последен момент надевајќи се дека Пеп ќе се премисли и ќе прифати трансфер на „Стемфорд Бриџ“. Извори блиски до актуелниот европски шампион тврдат дека тренерот му дал ветување на Абрамович дека во моментите кога ќе се врати на работни ангажмани, приоритет ќе му даде токму на Челзи.

Токму тоа била причината што рускиот милијардер решил да го задржи Ди Матео за стратег, потпишувајќи двогодишен договор за скромна плата што без проблеми би била исплатена во случај на предвремен раскин, за да се отвори простор за Гвардиола.

Челзи делува импресивно на стартот од сезоната, но челниците на клубот нема да размислуваат премногу доколку каталонецот стане достапен на пазарот за да го доведат во Лондон.

Сепак, за очекување е тоа да се случи дури по завршувањето на оваа сезона, што значи дека Ди Матео ќе има можност да ги потврди своите тренерски квалитети и да освои уште некој трофеј, по оние од минатата сезона во Лигата на шампионите и во ФА Купот на Англија.

- Реклама -