Гутереш: Талибанците поставија неприфатливи услови за нивно учество на состанокот на ОН за Авганистан

Талибанците поставија неприфатливи услови да присуствуваат на состанокот на кој во изминатите два дена се разговараше за ситуацијата во Авганистан под покровителство на Обединетите нации, изјави генералниот секретар на светската организација Антонио Гутереш.

Тие побараа авганистанските граѓански организации да не присуствуваат на разговорите во Доха, главниот град на Катар, како и третман за себе што би значело да бидат официјално признати како легитимни власти на Авганистан, рече Гутереш на крајот од дводневниот состанок.

Талибанците ја презедоа власта од легитимните власти на Авганистан откако САД и членките на НАТО се повлекоа од земјата по две децении борби, и не се признати од ниту една земја во светот како авганистанска влада.

ОН ги информираа талибанците дека нема да бидат признаени се додека е во сила забраната за образование и вработување на жените и девојките.

На состанокот во Доха дојдоа претставници на ОН и специјални претставници на одделни земји за Авганистан, но Талибанците не беа таму бидејќи нивните барања не беа исполнети.

– Добив писмо (од талибанците) со список на барања како предуслови за нивно присуство на оваа средба, кои беа неприфатливи, изјави Гутереш и додаде: „Тие предуслови ни го ускратуваа правото да разговараме со други претставници на авганистанското општество и за себе бараа третман кој, во голема мера, е сличен на признавање“.

Иако негираше дека отсуството на талибанците е штетно за разговорите, Гутереш рече дека би било корисно да се разговара со нив за заклучоците донесени на состанокот.

– Тоа не се случи денеска. Тоа ќе се случи во блиска иднина. Мислам дека најдовме решение што овозможува учество на талибанците“, рече Гутереш, додавајќи дека „во нивен интерес е да бидат вклучени во консултациите“.

Талибанските власти не беа веднаш достапни за коментар.

Најголемото несогласување што остатокот од светот ја има со нив се забраните за жени и девојки што ги воведоа талибанците.

Тие инсистираат на тоа дека забраните се внатрешно авганистанско прашање и ги отфрлаат сите критики како надворешно мешање, но Гутереш вели дека учесниците на состанокот се согласиле дека укинувањето на забраните е од клучно значење.

Друга спорна точка е назначувањето на специјален пратеник на Обединетите нации, на што Талибанците се противат.

- Реклама -