Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска, изјави дека ерата на глобалното затоплување е завршена и дека започнала „ерата на глобално вриење“.
„Климатските промени се насекаде. Тоа е страшно. И ова е само почеток“, рече Гутереш.
Според него, човештвото покренало деструкција, но тоа, како што вели, не смее да предизвика очај, туку треба да доведе до акција.
Тој смета дека сѐ уште е можно да се ограничи зголемувањето на глобалната температура, но само, како што вели, со „драматични и моментални климатски мерки“.
„Можеме да го запреме најлошото, но за да го направиме тоа, годината на голема топлина треба да ја претвориме во година на горливи амбиции“, рече генералниот секретар на ОН.
Тој ги повика компаниите за фосилни горива да се префрлат на обновливи извори на енергија, но повика и истовремено да се прекине употребата на јаглен во процесот на производство на електрична енергија.
Извор: МИА