Неверојатна разврска во групата А – Грција сепак оди понатаму (видеа)

Натпреварите од последното коло во групата А донесоа и шокантна разврска, ако се знае дека фаворизираните Русија и Полска прерано ги завршија своите настапи на овој европски шампионат.

Вистинска сензација претставува елиминацијата на „Зборнаја“, откако избраниците на Дик Адвокат загубија со 1:0 од селекцијата на Грција. Руските репрезентативци имаа огромен посед на топката, но сè беше попусто кога не успеаја да го најдат патот до мрежата на Грција.

{youtube}R7hfOv7h81k{/youtube}

Момент на одлука беше последната минута од првото полувреме, кога Игнашевич лошо интервенираше, овозможувајќи му на Карагунис да ја затресе мрежата на Русија. Во вториот дел Русија не успеа да создаде стопроцентна шанса, па „зборнаја“ по оној импресивен триумф од 4-1 над Чешка во првото коло, сепак не успеа да се пласира ниту во четвртфиналето.

Огромно разочарување на шампионатот е и кодомаќинот Полска, кој вечерва уште еднаш ги шокираше своите навивачи, губејќи од Чешка со 1:0. Полјаците мораа да забележат победа за да се пласираат во следната рунда, но потклекнаа под големиот притисок и му дозволија на противникот целосно да  доминира.

Прочитајте и:  Руската армија ќе стане втора најбројна во светот

{youtube}LGKky8Sv0Ss{/youtube}

Петр Јирачек беше херојот на Чесите постигнувајќи го победничкиот гол со кој оваа селекција се пласираше во следната рунда. Мора да се напомене дека во последната минута Полјаците имаа извонредна шанса да израмнат, но при ударот на Блашчиковски на самата гол-линија се најде Кадлец, кој со глава ја исфрли топката во поле и го осигура триумфот на својата селекција.

Чешка е првопласирана селекција во групата А со 6 освоени бода, пред Грција со 4 бода, додека настапите на ЕП 2012 неславно ги завршија Русија и Полска.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -