Груевски за потврдата на пресудите за „Тенк“: „Веројатно во моментов нема судија кој воопшто и помислува да се спротивстави на власта“

Нема воопшто никакво изненадување во одлуката на Врховниот суд да ја потврди пресудата за “Тенк”, бидејќи истата е само дел од поширокиот и интензивен политички прогон на власта, пишува поранешниот премиер во азил во Унгарија – Никола Груевски, на Фејсбук.

Според Груевски, Зоран Заев постојано, преку свои посредници кои пренесувале пораки во негово име, вршел притисоци врз Врховниот, но и пониските судски инстанци, за предметите создадени со политички мотиви и кои се дел од политичките прогони во Македонија.

„Пораките секогаш се од една личност, само ‘поштарите’ некогаш се менуваат, а неретко ‘доставата’ е и лична, понекогаш и јавна.

Ситуацијата дојде до тој степен на страв кај судиите, што во некои предмети судот се плаши дури да прифати и сослуша барем еден сведок предложен од одбраната а ги прифаќаат сите предложени сведоци од обвинителството. Ова од причина што ако прифатат и сослушаат сведок на одбраната може да се доведат во непријатност во однос на пресудата која се свесни дека неправично мораат да ја донесат но чуствуваат дека ако не ја донесат ќе имаат лични последици. Таков е на пример случајот во предметот за протестите во Центар, каде сите сведоци на обвинителство се прифатени и сослушани а ниту еден од оние кои јас ги предложив или пак подоцна адвокатот назначен по службена должност од страна на судот“, пишува Груевски.

Не постои реформа или закон, ниту пак извештај на ЕУ за некаков напредок, што ќе промени нешто во судството сѐ додека судиите функционираат под принуда и страв од од казна од извршната власт, додава тој:

„Во моментот со најавеното т.н. ‘прочистување’, судот е под досега невиден притисок и страв и веројатно непостои судија кој воопшто размислува да се спротистави на власта која отворено од една страна најавува проверка на решените предмети на секој судија, која проверка ќе ја прави таа власт преку субјективна проценка на преставници избрани од неа, а од друга страна испраќа емисари да пренесат пораки до обвинителството и судот за тоа како како треба да одлучат за еден или друг предмет од оние кои им се важни и во фокусот на вниманието“.

Според Груевски, мотивите за политичкиот прогон се лична злоба и желбата за елиминација по мафијашки принцип на секој политички неистомисленик од кого власта би можела да биде загрозена, а сите повремени исклучоци се само алиби за да можат да имаат аргумент за дискусија.

„Доминантна е и потребата на власта за лажно претставување на наводна борба против криминалот пред јавноста и пред ЕУ додека во позадина криминалот непречено функционира без застој и во полн капацитет, а судско обвинителските органи не смеат да помислат да делуваат против главните актери на власта. Напротив ако веќе има од некого иницијатива, по кратка постапка ги прогласуваат за невини“, вели Груевски, посочувајќи го случајот „Поткуп“.

„Уште подоминантна е секако потребата економската инфериорност на власта и превземените обврските за отстапување и распродажба на националните интереси, дел завршени а дел во план, да се одвиваат во атмосфера на страв од одмазда кај секој кој би се спротиставил и со свртено внимание кон политичкиот прогон и фабрикуваните судски случаи кои да не беше политичкиот притисок немаше ни да влезат во судска постапка. Секако истите еден ден ќе завршат со фијаско независно дали пред домашните или меѓународните судови, но во меѓувреме власта со помош на контролираните доминантен број на медиуми ќе успева да го оттргнува вниманието од огромните злодела кои ги прави на народот и нацијата. И секако многу невини луѓе ќе страдаат во меѓувреме за што еден ден сигурен сум дека ќе има одговорност за сторителите.

Некаде со втерување страв, закани, уцени и заплашувања, некаде со поткуп но принципот е ист насекаде независно дали станува збор за работата на институциите на прогонот, медиумите, изборите или што и да е“, пишува Груевски.

- Реклама -