Груевски на Фејсбук: Утре излегува од печат мојата нова книга

Од утре, среда (8 мај), на Саемот на книгата, преку издавачката куќа Ѓурѓа, излегува од печат новата книга на експремиерот и унгарски азилант – Никола Груевски, се пофали лично тој денеска на својот Фејсбук профил. Како што вели Груевски, веќе од петок книгата ќе може да се најде и во тврд повез, а во септември ќе добие и англиски превод.

„Книгата Искуства за иднината е всушност мојот докторски труд на тема: Економските ефекти на различните видови на меѓународни текови на капитал со посебен осврт на Република Македонија, одбранет во јули 2018 година на Економскиот факултет при универзитетот Св. Ки­рил и Методиј во Скопје, Република Македонија“, пишува Груевски во својот авторски предговор на книгата. „Овој докторски труд го одбранив пред петчлена комисија на профе­сори: проф. д-р Методија Несторовски како претседател на комисијата, ина­ку мој ментор во времето кога го подготвував и одбранив магистерски­от труд, проф. д-р Михаил Петковски, ментор на овој докторски труд и рецензент на книгата, проф. д-р Живко Атанасовски, кој е исто така рецен­зент на оваа книга, проф. д-р Љубе Трпески и проф. д-р Владимир Фи­липовски. На сите им благодарам за поддршката, професионалниот однос и за соработка­та“.

Околу политичките околности во периодот кога е издадена книгата, Груевски пишува:

„Неизбежно е да потенцирам дека оваа книга се издава токму во вре­ме на сложени политички случувања во Македонија и кога веќе поло­вина го­дина имам статус на личност со доделен политички азил како поли­тичко про­гонето лице и се наоѓам во Република Унгарија. Издавањето на книгата не одеше според планот кој го имав во летото 2018 година. Издавањето беше планирано да се случи во јануари 2019 година, по довршување на одредени дополнувања во книгата поврзани со обезбедува­ње и внесување дополнителни податоци објавени по предавањето на доктор­скиот труд за одбрана, а заради поголема актуелност на книгата.

Но, кампањата на политичкиот прогон кон мене кулминираше есента 2018, а нејзините креатори толку многу брзаа да ме затворат и отстранат, користејќи лажни клевети и неосновани политички мотивирани обвиненија, што му одредија на судот кој им беше потчинет, да не ми дозволи време пред извршување на незаслужената санкција, околу два месеци колку што побарав, за да ги завршам спомнатите дополнувања кои пла­нирав да ги вметнам и кои сега, пред нејзиното издавање, веќе ги вмет­нав во книгата.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Впрочем, веројатно ќе го доловам можеби најголемиот дел од мотивот за политичкиот прогон против мене, ако само потенцирам дека докторскиот труд од кој произлегува оваа книга е завршен и одбранет пред струч­ната комисија во време кога сѐ уште мојата татковина во нејзиниот Устав се нарекуваше Република Македонија. Книгата која произлегува од докторскиот труд се објавува кога веќе тоа име, на еден брутален и недемократски начин, со валкани уцени и притисоци, политички мотивира­ни обвиненија, монтирани судски процеси и апсења, а сето ова со под­дршка на силна медиумска кампања, е променето во Република Северна Македонија, заедно со бројни други чекори поврзани со идентитетот на Македонците, историјата на македонскиот народ, а во тој контекст и образованието и културата.
На крајот, врз основа на повеќе околности, кои подетално ќе бидат предмет на обработка во друга книга, произлезе и потребата да побарам политички азил во странство и сите тие историски збиднувања во Македонија го одложија издавањето на оваа книга.

Можам само да се заблагодарам на институциите на Република Ун­гарија, кои по деталните интервјуа и проверки по моето доаѓање тука, како независни институции на суверена држава, проценија дека има доволно причини да добијам заштита преку доделување на политички азил во согласност со меѓународните конвенции и унгарското законодавство како земја членка на Европската унија и на НАТО.
Без тоа, оваа книга, немаше да биде во Вашите раце“, пишува Груевски.

Во неговиот пост, линкуван во продолжение, ќе ја најдете и неговата биографија. Во неа пишува, на пример:

„Како министер и подоцна како премиер иницијатор и предводник е на голем број реформи од повеќе области.

Во периодот додека е премиер, Македонија е земја со најниска вкупна даночна стапка во светот (The Global Competitiveness Report 2014–2015), лидер во Европа според бројот на новоотворени работни места по жител креирани од странски инвеститори (Ernst & Young, 2015), прворангирана во светот од аспект на создадени или новоотворени работни места (на милион жители) преку странски директни инвестиции (IBM Business Institute, 2016), неколку години помеѓу топ 10 реформатори во светот (World Bank, Doing business report 2008, 2012 и 2014), 10-та најдобра во светот и 5-та во Европа земја за лесно правење бизнис (World Bank Doing business report, 2016)…“.

- Реклама -