Груевски без ракавици: Мицкоски го прави раздорот, му се исполни желбата да ме прогласи за непријател без никаква причина

Откако Мицкоски го прозва Груевски за „валкана зделка“ со власта со цел уставни измени, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ побара Мицкоски да потврди дека тоа го изјавил и, ако да, да презентира докази дека Груевски прифатил таква зделка или прави било што за да ја подели ВМРО-ДПМНЕ. Во денешниот одговор од Мицкоски тоа не го доби. Мицкоски му порача дека детали ќе му каже во четири очи, ако некогаш се сретнат и ако Груевски „е подготвен да ги чуе“. Овојпат уште покритички настроен, Мицкоски го обвини неговиот претходник дека учествува во дефокусот од криминалите на власта и дека пазар со Македонија не смее да има.

Предмалку повторно се огласи Груевски. Видно незадоволен, тој го обвини Мицкоски дека токму тој, прогласувајќи го Груевски за непријател, го прави раздорот.

„Денес стигна одговорот на Мицковски. И како што очекував без никаков аргумент, без никаков доказ или нешто слично. Рекла-казала од типот ‘се слуша’, ‘гласно говорат’, ‘се фалат’ итн.

Тоа ли е политика? Така ли се води партија? Така ли се гради единство во партијата?“, пишува Груевски.

„Мицковски си ја исполни повеќегодишната желба да влезе во јавен конфликт и напади врз мене. Некој му кажал дека тоа ќе му е од корист. Провикациите од негова страна не се од вчера, само што на таа провокација од вчера неможеше да не се одговори, барем со прашања колку да се извади на површина дека Христијан Мицковски изнасилено си создаде нов противник наместо да се занимава со власта, која седма година неможе да ја сруши и покрај нивната неспособност, корумпираност и безидејност.

Си создава ново алиби за секоја идна намерна или ненамерна грешка и штетна одлука, алиби за идните изборни резултати, кои со овој памет нема да се очекуваните од сите нас.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Напишал дека сум сакал да создавам раздор и тој не сакал јавно да се препукува, ќе ми кажел во четири очи. А ме нападна преку најпознатиот германски медиум.

Јас знам, а и јавноста, дека со ниту еден збор или потег не сум направил раздор досега. Ако навистина сум планирал такво нешто, зошто не почекаа, да се види тоа, да направам нешто што ќе им биде поткрепа на тезите, а не од наводни озборувања и гласини да градат политики.

Напротив, раздорот го направи тој со моето прогласување за нов непријател и жестокиот напад без да се даде најмала причина. Заев го направи најголем пријател и сојузник, мене кој цел живот го бранам националните, државните и партиските интереси, и само добрини сум му направил во животот ме прогласи за непријател.

По ова мерете му го умот!

Потоа ја стави целата партиска машинерија во одбрана на неговите параноични, штетни и безсмислени чекори и политики. Токму тоа е ‘со сила’ создавање раскол, растурање, а не нешто што сум направил јас.

Јас во континуитет жестоко го напаѓам СДСМ. Мицковски ме нападна мене. Нели ви е нешто чудно тука?

Сè тоа може да му биде интересно до следните избори, кога оваа политика на создавање непријатели од луѓе кои го посветиле животот на партијата и каузата ќе ја следи од канцеларијата и ќе му одработува партиската машинерија која му ја оставив. Но, што потоа?“, одговори Груевски.

- Реклама -