Груби: Жалам што Димитров на крајот од мандатот дознал дека не му верува на Османи

Граѓаните немаат никаква основа за загриженост во однос на преговорите што со Бугарија ги води министерот за надворешни работи Бујар Османи, порача првиот вицепремиер и министер за политички систем – Артан Груби. Секој договор што евентуално би бил постигнат, смирува тој, ќе биде претставен и ќе треба да биде прифатен од граѓаните.

„Жалам што колегата Димитров дознал дека не му верува на Османи на крајот на својот мандат. Можеби би било добро тоа да го кажеше на почетокот и да пристапиме кон градење на таа доверба меѓу Османи и Димитров. Но, јас сум убеден дека граѓаните немаат никаква основа да имаат недоверба, ниту во Османи, ниту во Владата, затоа што сѐ е транспарентно и било кој договор да биде постигнат ќе мора да биде претставен пред граѓаните и да биде прифатен од нив“, искоментира Груби прашан за изјавата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој рече дека нема целосна доверба во Османи бидејќи кај него гледа „драјв“ за решение по секоја цена.

„Ние се солидаризираме со нашите сограѓани Македонци и апсолутно се постројуваме со нив во одбрана и на идентитетот и на јазикот и на сите чувстителни прашања“, додаде Груби.

Тој рече дека за разлика од Димитров, тој има апсолутна доверба во шефот на дипломатијата, за кого оцени дека „најсовесно ја врши својата работа и најодговорно пристапува кон преговорите со Република Бугарија“.

Груби изрази увереност дека двете земји ќе успеат да најдат решение во првите шест месеци од годинава.

„Во очекување сме на посетата на новиот бугарски премиер Кирил Петков, како и на одржување на заедничка владина седница со нашиот сосед во текот на овој месец“, истакна тој.

Извор: МИА

- Реклама -