Груби: Законите за коридорите нема да паднат на Уставен, нема причина да бидат оспорени

„Законите за коридорите нема да паднат на Уставен суд, консултирани се сите надлежни служби во однос на 60-те работни часови за работниците“, изјави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, во Тетово, каде што беше заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, по повод почетокот на работите за изградба на Коридорот 8.

Груби повтори дека законското решение им овозможува на работниците, со претходна писмена согласност, да работат прекувремено и да бидат платени.

„Нема да паднат на Уставен. Не верувам дека ќе паднат на Уставен. Не гледам причина зошто би имало иницијатива до Уставен, затоа што никаде во законите не се споменува спорната бројка од 60 работни часови. Се координира целата работа со правната служба во Владата, со Законодавно-правната комисија, со сите експерти што ги има Владата, и министерствата и Министерството за труд и социјална политика, така што нема апсолутна никаква причина ниту да се оспори, ниту да се разгледува, претпоставувам од Уставниот суд. Всушност, законското решение предвидува дека работниците можат да работат прекувремено што можат и сега, но за тоа ќе треба да дадат писмена согласност дека прифаќаат да работат прекувремено и за тоа мора да им се плати“, рече Груби.

Извор: МИА

- Реклама -