„Говорот на омраза и денешното гневно навивање на младите среде Скопје е за секоја осуда. Такво однесување нема место во нашето ново општество, рамноправно општество за сите, со евро-атлантски вредности. На индоктринацијата на младите и етничката нетолеранција им е истечен рокот“, напиша на Фејсбук првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, по градското фудбалско дерби на Вардар и најлутиот ривал Шкупи од Чаир, на кое Комити, поради затворените трибини, навиваа пред стадионот.
Реакцијата на Груби следува откако на социјалните мрежи беше објавено видео од група млади навивачи на градскиот плоштад „Македонија“, веројатно упатени кон градскиот стадион, како скандираат „Mpтов шиптap- добар шиптap“. Видеото го сподели и новинарот и граѓански активист Петрит Сарачини, кој побара конкретна реакција и консеквентно санкции од страна на МВР и Обвинителството за однесувањето на Комити.
„Не барам од моите пријатели Македонци да го осудат ова. Тие што ми се добри пријатели, знам дека го осудуваат. А од ‘пријателите’, тапшачите по рамо, ‘неутралните’, оние што за извиците на Комити молчат а редовно ме прашуваат ‘а каде си ти за Балистите и Шверцерите…’ што сум ги осудил стопати (ама нема кој да прочита) – нема поента ни да се бара каква било осуда. Тие само го мислат она што Комитите гласно го кажуваат.
Многу побитно за сите нас – Да бараме од МВР и од Обвинителството да преземат мерки против ова разгорување на меѓуетничка омраза. Неодложно и веднаш. По службена должност, како што вели Кривичниот законик за вакви дела! Стоп за омразата!“, напиша Сарачини на Фејсбук.