Груби: Уставните измени мора да се случат

Уставните измени мора да се случат, бидејќи без нив Македонија е во регрес, во статус кво и не може да оди напред и од овој процес апсолутно најголем добитник е македонскиот народ во РСМ, изјави денеска првиот потпретседател во Владата Артан Груби. Посочува дека проевропското крило во опозицијата е во подем во Собранието и оти ќе даде поддршка за уставните измени и оти веќе има контакти и комуникација со пратениците и со претседателите на политичките партии за, како што рече, начин на којшто и тие ќе ја дадат својата поддршка за европска Македонија.

„Сакам да појаснам дека уставните измени не дека ќе се случат, мора да се случат. Без уставните измени Македонија е во регрес. Без уставните измени Македонија е во статус кво и не може да оди напред и затоа секој што сака европска Македонија, секој што сака развој, секој што сака да ја види нашата земја рамо до рамо со членките на ЕУ ќе даде поддршка за уставните измени од коишто најголем добитник е македонската заедница во Република Северна Македонија затоа што конечно, конечно се прави одвојување на македонскиот народ од бугарскиот народ. И тоа со прифаќање на самиот бугарски народ којшто имаше други претензии. Како што знаете, сѐ до вчера. Од овој процес најголем добитник апсолутно е првенствено македонскиот народ во РСМ и сите граѓани на државата затоа што сметам дека се заокружува целокупната тапија на државноста на РСМ“, изјави Груби кој денеска беше во Арачиново.

Според него, се потврдува од страна на Бугарите дека има апсолутно одвојување, дека постои македонскиот народ и македонскиот јазик и дека тоа е реалност и они го прифаќаат тоа со овие уставни измени.

„Значи, имаме посебна заедница на Бугарите во РСМ која што не е повеќе од 3 500 граѓани како што видовме со последниот попис и дека сите други се Македонци кои зборуваат македонски јазик и се дел од македонскиот народ“, вели Груби.

Првиот потпретседател во Владата смета дека „проевропското крило кое што е во подем во опозицијата во Собранието ќе даде поддршка за уставните измени и веќе имаме контакти, комуницираме со пратениците, комуницираме со претседателите на политичките партии за начин на којшто и они ќе ја дадат својата поддршка за европска Македонија“.

МИА

- Реклама -