И граѓаните кои имаат пасош од земји кои дозволуваат само едно државјанство, односно граѓаните кои се откажале од македонското државјанство, можат да се попишат преку апликацијата за попис, изјави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, во гостување во емисијата „Опинион“ која се емитува на албанската телевизија ТВ „Клан“, повикувајќи Албанците од дијаспората да се регистрираат и „да придонесат за унапредување на правата на Албанците во Македонија“, пренесува „Сител“.
Како што вели Груби, доволно е овие граѓани да имаат извод од матична книга на родени, извод од книга на венчани или каков бил друг документ, за да се попишат онлајн, на веб страната на Државниот завод за статистика ( census.stat.gov.mk ), без оглед, на пример, дали се работи за Албанец со германско или друго државјанство од земја што не дозволува двојно државјанство.
„За попишување на целото семејство потребни се 3 до 5 минути, а со тоа ќе биде придонес за нивните сонародници кои живеат во Македонија и за оние од дијаспората кои кога ќе дојдат ќе ги уживаат сите права – рамномерен регионален развој, рамномерен економски развој, соодветна и правична застапеност, јазик, знаме и сѐ тоа што доаѓа со одредените квоти“, рече Груби.
Тој потенцира и дека со тоа што ваквите лица ќе се попишат во Македонија, нема да изгубат ниту едно право во земјите во кои живеат.
И денеска Груби, како и претходните денови, се пофали со бројката на досега попишани иселеници, овојпат со порака „Заедно повеќе, подобри, посилни!“.