Груби со пораки од Албанија: Дијаспората да се попише и со тоа да придонесе „за доброто на сите граѓани во регионот“

Првиот вицепремиер и министер за Политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, кој е во дводневна посета на Албанија, денеска се сретнал со претседателката на Социјалистичкото Движење за Интеграција (СДИ) – Моника Криемади.

Тема на разговорот, покрај соработката помеѓу двете земји, бил и пописот на населението, како еден од најважните процеси во државава, информираат од неговиот кабинет.

На средбата, Груби побарал од Криемади, преку структурите на нејзината партија, да ја покани дијаспората на РСМ да се регистрира на пописот.

Криемади, пак, порачала дека граѓаните од дијаспората треба максимално да ја искористат оваа можност, бидејќи „од овој процес зависат многу работи на дејствување во РСМ“. Двајцата соговорници се согласиле и дека „сега е време целата дијаспора да ја исполни својата должност и обврска и достоинствено да придонесе за доброто на сите граѓани, не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион“.

Прочитајте и:  Реџепи ја оспори Методологијата за пописот пред Уставен суд, незаконска била поделбата на граѓаните на резиденти и нерезиденти

Како што информираат од кабинетот на Груби, тој остварил средба и со градоначалникот на Тирана – Ерион Велиај.

Груби му честитал на Велиај за неговата работа и посветеност на Тирана и побарал да го претвори темпото со кое Велиај работи за главниот град на Албанија – во успешен повик за дијаспората на РСМ да се регистрира на пописот.

Велиај, од своја страна, изразувајќи му голема почит на Груби и поздравувајќи ја неговата активност во рамки на Владата на РСМ, апелирал до дијаспората да се попише, бидејќи со таквата постапка „тие исполнуваат морална и достоинствена обврска“.

Двајцата соговорници, воедно, ја поздравиле и досегашната заложба на дијаспората за тоа што за помалку од еден месец се попишале повеќе од 100.000 жители.

Тие разговарале и за билатералната соработка меѓу двете земји, согласувајќи се дека односите меѓу Албанија и Македонија се одлични и дека секогаш ќе останат такви.

- Реклама -