Јавната кампања во медиумите и јавноста против внесување на Бугарите во уставот е поврзана со негативните чувства што за време на поранешна Југославија постоеле кон Бугарија, изјави првиот вицепремиер Артан Груби во интервју за ТВ „Шења“, пренесува порталот „Zoom.mk“.
„Овдешната јавност е многу чувствителна кон прашањето со Бугарија поради наметнатата свест од поранешна Југославија. Вие добро знаете како ја доживуваме Бугарија во осумдесеттите и деведесеттите години. Ние тогаш имавме подобар стандард од Бугарите, додека сега Бугарија е членка на ЕУ и на НАТО. Сега тие нѐ условуваат и тоа ги иритира граѓаните“, вели Груби.
Тој негира дека Владата стои зад, наводно, „наративите против уставните измени“ и ширење на евроскептицизмот во провладините медиуми, и инсистира дека ниту Преспанскиот договор, ниту договорот со Бугарија, биле против државата и против македонскиот народ.
„Не знам кој ги храни наративите против уставните измени во провладините медиуми, но знам дека храбро е донесена одлуката за склучување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Ја гласавме во Владата и беше усвоен во Собрание. Јасно е дека имало резерви да не се направи некој превид и се покажа спротивното – и започнавме преговори со ЕУ“, изјави Груби.
Според него, со влегувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот добиваат всушност Македонците, затоа што со тоа се прави разлика меѓу Македонците и Бугарите и со тоа завршуваат претензиите дека сите Македонци се Бугари, тврди Груби, наспроти граѓаните кои во најголем дел се скептични дека ова барање на Бугарија би можело да е толку наивно и се плашат дека во иднина ќе биде злоупотребено (како и Договорот за добрососедство) или пак, во најмала рака, нема да биде последно.