Грците заборавија на коронавирусот, опашки од луѓе чекаа за чадор и лежалка на грчките плажи (ВИДЕО)

Илјадници атињани денеска се упатија кон морето, откако на околу 500 плажи им беше дозволено да почнат со работа. Сите мерки се земени во предвид – забрането е собирање од 40 луѓе на 1.000 квадратни метри, а чадорите се поставени на 4 метра растојание. Отворањето на плажите е еден вид тест за да се види дали ќе има одраз на бројот на новозаразени од коронавирус. Истовремено, почнуваат со работа и музеите, но и меѓуостровските патувања. Грција се надева дека ќе биде целосно подготвена за да ги прими туристите веќе во јули.

Од рано утрово, на многу од плажите низ земјата се формираа опашки од луѓе кои чекаа во ред за лежалка и чадор. Високите температури, кои на места веќе достигнаа 40 степени, ги испрати Грците на разладување на плажите во регионите кадешто живеат, бидејќи патувањата меѓу региони сѐ уште се забранети.

Плажите се под строг надзор со цел контрола на почитувањето на мерките, поради што немаше место за сите Грци што планираа да се разладат. Растојанието меѓу чадорите е 4 метри, а кафињата и пијалоците се стриктно пакувани. Келнерите носат маски и ракавици.

Според метеоролошките прогнози, температури над 40 степени се очекуваат и утре.

Од понеделник (18 мај), со дозвола на Комисијата за контрола на ширењето на коронавирусот, ќе се отворат и вратите на моловите. Во затворените продавници, маските ќе бидат задолжителни и за вработените, и за купувачите.

Според грчките медиуми, се очекува кафулињата и рестораните да отворат една недела од првично предвидениот датум 25 мај.

- Реклама -