Европа мора да ги одржи ветувањата и не треба да има доцнење во пристапниот процес за Северна Македонија и Албанија, истакна алтернативниот министер за надворешни работи на Грција – Милитиадис Варвициотис, на Делфи Форумот во Атина, каде на панел дискусијата учествуваше и вицепремиерот за европски прашања – Никола Димитров, јавува дописничката на МИА од Атина.
Варвициотис посочи дека со приклучувањето на Албанија и Северна Македонија во ЕУ, Грција конечно ќе има копнени граници со други земји-членки, притоа адресирајќи ги најавите за можно одделување на Албанија од пакетот со Македонија во пристапниот процес кон ЕУ.
„Важно е процесот да почне веднаш за сите земји кандидати. Ние не сме расположени да прифатиме никакво одвојување меѓу Северна Македонија и Албанија. Ова го гледаме како катастрофален пристап за регионалната стабилност“, подвлече грчкиот алтернативен министер за надворешни работи.
Според него, новиот процес на проширување – оној по нова таметодологија, треба да е веродостоен и треба да е побрз во споредба со претходниот.