Грција не планира да испрати С-300 во Украина

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис категорично ги демантираше натписите во медиумите дека Грција планира во Украина да испрати противвоздушни ракетни системи С-300, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешниот редовен брифинг со новинарите, Маринакис ги карактеризираше како лажни вести објавите во медиумите и рече дека нема да ја стават во опасност одбраната на Грција.

-Треба да постои граница во однос на лажните вести, особено кога се поврзани со одбраната на земјата, со надворешната политика и интересите на земјата во странство, со нашата меѓународна слика. Вакво нешто не е точно. Категорично демантирам и во никој случај грчката Влада воопшто нема намера да ја стави во опасност заштитата на земјата и одбранбената политика. Она што е објавено во никој случај не е точно, истакна Маринакис.

Прочитајте и:  Претседателот на Финска: Доналд Трамп треба да биде сфатен сериозно за планот за завршување на војната во Украина

И пред речиси две години, кусо по почетокот на руската инвазија на Украина, во Грција имаше сценарија дека Атина ќе испрати во Киев С-300, но и тогаш, овие информации категорично ги демантираше грчката Влада.

- Реклама -