The Groom Room, за миленици со стил

Таа е сопственик на новоотворениот салон за груминг на миленици – The Groom Room, а исто така и долгогодишен активист за правата на животните. Третманот во груминг салон е неопходност која влијае не само на изгледот, туку и на општото здравје и хигиената на миленикот.

Прочитајте повеќе за Јована, за овој бизнис, и погледнете зошто Groom room веднаш по отворањето стана хит.

Покрај тоа што професионално се занимавате со груминг на миленичиња, вие сте и активист за правата на животните. Дали овие две работи се поврзани?

Речиси десет години сум активист за правата на животните во едно од најстарите здружение што постојат кај нас.

Постојано сум активна на терен спасувајќи ги најобесправените и безгласните, оние миленици кои се нашле на улица како плод на човекова небрижност. Спасувајќи ги нив, се пронајдов себеси.

Неизмерната љубов и грижа за милениците успешно ја претворив во работа која целосно ме исполнува, а сопствениците можат безгрижно да ги остават своите миленичиња во нашиот салон знаејќи дека тие се во сигурни раце, постојано сакани и галени.

Како се одлучивте да го отворите The Groom Room? Која е вашата приказна?

Кога имав 22 години и студирав на институтот за психологија, паралелно морав и да заработувам за да си ги овозможам студиите, па барајќи било каква работа, добив телефонски повик со понуда да работам во еден реномиран груминг салон за миленици. Веднаш бев примена на работното место бидејќи одлично се справив со агресивен миленик кој беше на третман тој ден.

Шест години го изучував овој занает: како правилно да шишам и стилизирам миленици, по стандардите за нивната раса / вид, научив стотици видови на фризури, го учев јазикот на нивното тело и како правилно да комуницирам и да се справувам со животните зависно од степенот на нивната соработка. Сите овие нешта сплотени заедно овозможуваат од The Groom Room да излезат прекрасно средени миленици и задоволни сопственици.

Што точно нуди The Groom Room?

Услугите кои ги нуди The Groom Room се следниве: темелно расчеткување на заплеткани миленици, бањање со повеќе типови на шампони (за длабинско чистење, за често бањање, за кожни проблеми), фенирање, шишање со машинка или со ножици зависно од желбата на сопственикот, стилизирање на влакното, скубење на влакната од ушите на милениците и нивно чистење, како и сечење и обликување на ноктите.

Работиме со сите видови на миленици без разлика на нивниот вид, големина и карактер. Во случаи кога ќе процениме дека третманот е стресен за миленикот или пак покажува несправлива агресија, овозможуваме и асистенција од страна на сопственикот или ветеринар.

Колку често милениците и нивните сопственици треба да ве посетуваат? Дали е точно мислењето дека честото бањање е штетно за милениците?

Миленикот може да се бања онолку често колку што сопствениците сакаат, сè додека се користат нежни шампони за честа употреба. Такви производи ретко се наоѓаат во Македонија, затоа ние нарачуваме производи од Америка и ЕУ.

Што се однесува пак до шишањето, кај оние видови миленици кои се шишаат, тоа треба да се практикува најдоцна на два месеци, во спротивно крзното/косата се плетка и потоа оддржувањето станува потешко за сопствениците.

Цените варираат зависно од големината на животното, колку работни часови се потребни за да се сработи истото и типот на услуга која ја бара сопственикот. Ценовникот попрецизно можете да го разгледате на нашата веб страна groomroom.mk. Бидејќи пред сè сме активисти и хуманоста не смее да познава граници, за бездомните миленици во нашиот салон постои попуст во вредност од 50% на цената.

Дали е пожелно сопственикот да биде во истата соба во која миленикот го добива својот третман?

Додека миленикот се средува, а тоа некогаш трае и со часови, пожелно е сопственикот да не е присутен, бидејќи милениците се повеќе вознемирени кога се тие таму, скокаат, пробуваат да го привлечат вниманието на сопственикот, а доколку не се мирни можат да се случат несакани повреди со алатите со кои се работи.

Исто така, не смееме да го занемариме и чувството на задоволност и среќа кога сопственикот после некој час ќе ја види неверојатната трансформација на својот миленик и ќе биде изненаден. Милениците го чувствуваат тоа и нивната појава на крајот на третманот ја доживуваат како голема награда.

Кога сметате дека е најдобро да се почне со груминг на миленичето?

Доколку се почне со груминг третмани од мала возраст, веднаш после примените вакцини, милениците полесно го прифаќаат целиот процес и на нив им претставува задоволство, а не стрес, а со тоа се и помирни.

Што би им порачале на оние сопственици што интензивно се грижат за своите миленичиња и во домашни услови? Дали пристапот треба да биде ист кон сите видови и раси на миленици?

На сопствениците пред да одлучат да купат/вдомат одреден вид на миленик, би им препорачала убаво да се распрашаат за неговите потреби и да се советуваат со својот грумер колку често и како правилно треба да се оддржува неговото крзно/коса. Дома редовно да го четкаат и бањаат миленикот, бидејќи среден и чист миленик е здрав миленик.
Целиот процес на груминг нека ви биде една игра, која ќе претставува убаво поминато заедничко време, а ќе даде прекрасни естетски резултати. Кога ние сме задоволни од нивниот изглед, милениците ја чувствуваат нашата среќа, а тоа влијае на нивната благосостојба и расположение.

Повеќе ТУКА

- Реклама -