Вицепремиерката задолжена за добри политики на владеење – Славица Грковска, денеска во врска со ставањето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на „црната листа“ на САД изјави дека главната обврска е секогаш на домашните институции, но оти секоја меѓународна помош е добредојдена. Таа напомена дека веќе се предложени измени во Законот за рестриктивни мерки, кои поминале на Влада, освен санкциите од ЕУ и ОН, да бидат додадени и санкциите на САД.
„И претходно сум изјавила дека главната обврска е на домашните институции, но секоја помош од меѓународните институции, од нашите пријателски држави, особено САД, кои се стратешки партнер е добредојдена и очекувам меѓународните и домашните институции понатаму да ги преземат сите неопходни мерки согласно укажувањата. Веќе предложивме и тоа помина на Влада да се направат измени во Законот за рестриктивни мерки, при што покрај санкциите од ЕУ и ОН, ќе бидат додадени и санкциите од САД и тоа ќе биде дополнителна вредност во борбата против корупцијата и организираниот криминал“, рече Грковска.
Стејт департментот го стави Анѓушев на „црна листа“ поради вмешаност во значителна корупција и го означи како генерално неподобен за влез во САД.
„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси“, се наведува во соопштението објавено од Стејт департментот.
Анѓушев, пак, во соопштение до медиумите ги негираше сите „сомневања“ ( на Стејт департментот и најави дека ќе ја обжали одлуката. Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, пак, најави, како и многупати досега, дека ќе следуваат повеќе назначувања на црната листа, но дека во крајна линија санкциите од САД не можат да ја решат „епидемијата на корупција“ во земјава и дека тоа ќе мораат да го направат надлежните и граѓаните.