Маринос Рицудис, кој во 1999 година бил капетан на грчкиот брод „Темистоклис“, ја одбил наредбата да учествува во бомбардирањето на СР Југославија. Наместо да заплови во Јадранското море, тој наредил бродот да се врати назад во пристаништето.
Поради таквата наредба, Рицудис бил расчинет и отпуштен од воената морнарица. Како што раскажува и самиот за српски „Блиц“, за таа одлука му суделе девет судови (иако одлуката за негово бркање од морнарицата била донесена за еден ден), а добил и условна казна од 2.5 години затвор. Од тогаш работи на јахти.
„Беше фантастично чувство да донесам одлука за поддршка на нација која се бореше против далеку надмоќен непријател. Исклучително сум горд на тој момент, кој му го овозможив и на мојот и на вашиот народ. Тоа е заедничка приказна меѓу мене, мојата култура и вашата култура. Многу сум среќен што најдов пријатели во Србија и што делиме заеднички сеќавања“, вели Рицудис за српски „Блиц“.
Во време на бомбардирањето на Србија, Грција беше дел од НАТО алијансата, но од политички причини не учествуваше во воздушните напади. Морнарицата, меѓутоа, доби наредба да вплови во Јадранот, наредба што Рицудис ја одбил со зборовите: „Како православен христијанин не можам да учествувам во напад на братски народ“.
Поради тоа Српската православна црква подоцна го одликуваше со орден „Свети цар Константин“, а во Белград од пред една година стои негов мурал.