Преку постојани реакции до организаторите, како пред почетокот, така и за неговото времетраење, Сојузот на производители на вино од лозови насади во Северна Грција (ENOABE), Хеленското винско здружение (АСЕ), па дури и грчката дипломатија, се обиделе да ги отстранат македонските винарии што изложувале на меѓународниот саем на виното ProWeine што се одржува од 17 до 19 март во Дизелдорф, Германија.
Грчките винарии имале проблем со тоа што на штандот на организацијата „Вина од Македонија“, во натписот „Македонија“ била напишана со големи, а „Република Северна Македонија“ со мали букви. Додека тие реагираат дека тоа не е во согласност со Преспанскиот договор, од „Вина од Македонија“ велат дека не гледаат проблем, бидејќи и Бугарија и Грција, на пример, користат „Вина од Тракија“, со тоа што задолжително е наведено името на државата од која доаѓа виното – услов што е задоволен и во натписот на „Вина од Македонија“.
Организаторот, пак, не сакал да се вмешува, па наложил двете страни меѓусебно да се договорат. По неколкукратни разговори, македонските изложувачи остануваат на саемот и изложуваат без проблем.
Според „Катимерини“, со рекламирање на „приказната за земјата на Александар“, македонските винарии им ги одземаат европските и американските купувачи на грчките, пренесува „Алфа“.
Сличен „инцидент“ имало и неодамна на саемот на туризам во Берлин. Таму Грците биле лути што на македонскиот штанд пишувало „Macedonia Timeless“. По реакцијата на грчката амбасада, натписот бил сменет со „Република Северна Македонија“.
Поради вакви и слични потези на македонските производителите, трговска „војна“ на меѓународните саеми, изложби и натпревари може да се очекува и во иднина, пишува „Катимерини“.
Повеќе ТУКА.