Ни неколку часа не изминаа од ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент, а градоначалникот на Стилида (централна Грција) – Апостолос Глетос ја најави својата оставка во знак на протест. Тој испрати соопштение до јавноста во кое вели вака:
„Од времето на Каподистријас до денес, имало моменти кога грчките власти се однесувале нечовечки и спротивно на грчките интереси. Таков момент е и овој денес, во кој странските центри на моќ и нивните послушници од власта му наметнаа на грчкиот политички систем, со смртоносна уцена, да го признае името Северна Македонија за име на Скопје.
Ова ќе ја отвори торбата на Еол* и ќе разбуди злобни духови низ нашата земја. Се надевам дека ќе бидам разочаран. Но како одговор на овие странски центри на моќ и нивни послушници кои решаваат за нас а без нас, јас се повлекувам од позицијата Градоначалник на Стилида во знак протест и можеби некакво охрабрување за младите луѓе во оваа земја кои можеби не знаат како се играат овие тешки политички игри.
Градоначалникот на Стилида, Апостолос Глетос“, се вели во соопштението.
* Во грчката митологија, Еол е богот на ветровите и крал на митскиот остров Еолија. Тој ги чувал силните ветрови заробени во пештера во внатрешноста на островот, а ги ослободувал само по команда на надредените богови кога сакале да предизвикаат деструкција во светот. При своите патувања Одисеј го посетил островот и Еол му подарил западен ветер за да го однесе дома до Итака. Но Еол исто така на Одисеј му доверил и торба во која биле заробени сите ветрови освен западниот. По неколку дена патување, кога Итака веќе бил на видик, Одисеј попуштил и му се предал на сонот. Додека спиел, љубопитноста ги надвладеала неговите морнари, па ја отвориле торбата мислејќи дека содржи скапоцености. Избеганите ветрови предизвикале хаос и го вратиле бродот далеку назад, дури до брегот на Аеолија. Еол одбил повторно да му помогне на Одисеј.