Грчката опозиција почна да нé вика „Македонци“

За разлика од одговорниот за надворешна политика во Неа демократиа, Јоргос Кумуцакос, кој пред скоро изјави дека доколку дојдат на власт ќе направат сé што е во нивна моќ за да поништат што е можно повеќе од Договорот, претседателот на најголемата грчка опозициона партија – Кирјакос Мицотакис, признава дека по евентуалното ратификување на Договорот во грчкиот Парламент, просторот за маневри ќе им биде многу мал.

Во интервју за грчката телевизија „Скај“, Мицотакис уште еднаш повтори дека нивната партија нема да ја поддржи ратификацијата на договорот и ќе гласа „против“.

„Нашиот главен приговор за договорот е фактот што господинот Ципрас отстапи нешто за што ниту една претходна влада не сакаше да разговара, за јазикот и за националноста. Односно за суштината на иредентизмот“, вели Мицотакис.

На прашањето дали доколку договорот ги содржеше термините „Северномакедонци и „северномакедонски јазик“, ќе беше прифатлив за Нова демократија, Мицотакис вели дека „тоа сигурно ќе беше чекор во правилна насока“.

„Договорот што го потпиша господинот Коѕијас целосно ги отстапи јазикот и националноста на нашите северни соседи –  Македонците, како што тие сега се самонарекуваат. Бидејќи тие го имаат правото да се самонарекуваат, не само да се самоопределуваат, туку и правно да се определуваат како Македонци“, додаде Мицотакис.

Како што јавува дописничката на МИА од Атина, во интервјуто за „Скај“ Мицотакис го истакнува и проблемот со трговската употреба. Тој објаснува дека разговарал со компании што ја користат придавката „македонско“ и „македонски“ за да го одредат името на компанијата.

„Што ќе правиме? Ќе чекаме пет години за да се решат овие трговски спорови? Со други зборови, договорот, освен главното прашање со националноста и јазикот има и многу други проблеми“, заклучува лидерот на грчката опозиција.

Мицотакис истакнува и дека ако тој бил премиер – да, ќе преговарал, но немало да потпише ваков договор. Притоа не пропушти да праша: „Зошто толку брзање?“. Зошто толку брзање сега да се потпише договорот, кога Грција не била обврзана „сега и по секоја цена“ да најде решение?

Извор: МИА

 

- Реклама -