Гранични полицајци ослободиле лице барано со потерница кое било депортирано од Косово

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до надлежното Јавно обвинителство, поднел кривична пријава против полициските службеници Г.В. и С.С. вработени во Регионалниот центар за гранични работи Север, за злоупотреба на службената положба и овластувања по член 353 став 1 од Кривичниот законик.

Според МВР, постојат основи за сомневање дека сега суспендираните гранични полицајци ослободиле осудено лице кое претходно било депортирано од косовските власти на граничниот премин Долно Блаце.

„Пријавените кривичното дело го сториле на начин што откако државјанин на Република Северна Македонија бил депортиран од страна на косовските власти на граничниот премин Долно Блаце, поради илегално преминување на државната граница, веднаш по извршеното примопредавање лицето го ослободиле од службените простории, без да ги извршат потребните проверки и службените процедури и притоа да утврдат дека депортираното лице се барало преку потерница за претходно сторено кривично дело“, информира МВР.

- Реклама -