„Подобро 100 луѓе пред маркет отколку сам на Водно?“, реагираа граѓаните на, според нив, апсурдната одлука да се забрани движење во шумите и парковите, па дури покренаа и онлај петиција за укинување на ваквата одлука.
Сепак, скопјани имаат среќа. Забраната за движење во шуми и шумските предели во државата не важи за Водно, информираат од Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, кои, како што велат, поради превид тоа пропуштиле да го нагласат во соопштението до јавноста.
„Министерството ја донесе одлуката на барање на ЈП Македонски шуми и таа е поврзана со појавата на неколку шумски пожари во периодов“, вели Соња Јанковска, портпарол на МЗШВ, образложувајќи дека Водно е изземено од одлуката бидејќи се работи за шума која не е во надлежност на ова претпријатие, пренесува „Мета“.
Тоа значи дека по Велигденските празници скопјани повторно ќе можат да се рекреираат на Водно, се разбира, во периодот надвор од полицискиот час.