Граѓаните под карантин, политичарите ни праќаат разгледници: „Поздрав од преубавото Беровско езеро“

Додека граѓаните смеат само со семејството, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во кафана со пријатели. Додека граѓаните се приморани да седат дома, генералниот секретар на СДСМ – Љупчо Николовски – во Берово.

„Вирусот КОВИД-19 е реална појава и затоа никој не смее да ја игнорира оваа закана. На тој начин ја загрозува личната и колективната здравствена состојба. Покажавме дека имаме добра стратегија, ефикасните мерки дадоа резултати, но само заедно со граѓаните и со доследно и постојано почитување на мерките за заштита можеме да успееме. Затоа, секој мора да ги почитува сите мерки – во целост. Тие се основна алатка за намалување на ширењето на заразата.

Овој викенд сите да останеме дома со своите семејства. Издржавме и потешки моменти, заедно ќе го поминеме и овој“, порача Николовски на Фејсбук во четвртокот.

Прочитајте и:  Петрушевски: Љупчо Дон Николовски потрошил 976.199 денари на кафеани и ресторани како министер за земјоделие

Веќе вчера, Николовски на Инстаграм сподели фотографија од прошетка во природа, 70 километри (воздушна линија) подалеку од родната Крива Паланка:

„Ви посакувам убав викенд и ве поздравувам од преубавото Беровско езеро!“, напиша тој под фотографијата.

Николовски, секако, не е единствениот што викендов не остана дома. Но, партиите, во меѓусебните препукувања, редовно истакнуваат дека политичарите треба да се пример за останатите граѓани. Таквата порака беше дел и од критиките од СДСМ кон Мицкоски за седењето во кафана спротивно од протоколите. Но, како и досега, се чини оваа флоскула продолжува да важи главно на хартија и главно за политичките противници.

За споредба, кога нешто слично направи шкотската министерка за здравство во април – отиде во својата сопствена викендица заедно со своето семејство – таа беше принудена да си даде оставка.

- Реклама -