Граѓаните да се воздржат од резервaции на авиобилети, апелира Министерството за транспорт и врски

На сила сѐ уште важи Одлуката за затворање на “Меѓународниот аеродром Скопје” и аеродромот “Св. Апостол Павле во Охрид”, потенцираат од Министерството за транспорт и врски, откако во медиумите беа објавени информации за конкретни датуми за воспоставување на авионските линии преку авиопревозниците што оперираат од овие аеродроми.

„Тоа значи дека сѐ додека не се донесе друга Одлука, аеродромите ќе бидат затворени за превоз на патници, а авионскиот сообраќај запрен. Оваа одлука не се однесува за државни, воени, болнички, хуманитани и карго летови без патници“, велат од Министерството, апелирајќи до граѓаните да не се изложуваат на дополнителни финансиски трошоци резервирајќи авиобилети.

„Со оглед на настанатата состојба со вирусот Ковид-19, во овој момент не може да се предвиди кога повторно ќе се воспостави и нормализира авионскиот сообраќај за превоз на патници.

Се до донесување на нова Одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија, апелираме до сите граѓани да се воздржат од резервaции на билети, се со цел дополнително да не се изложуваат на финансиски трошоци“.

За сите информации поврзани со нормализирање на авионскиот сообраќај граѓаните навремено ќе бидат информирани, додаваат од министерството, апелирајќи доследно да се следат информациите што ги објавуваат Владата на Република Северна Македонија и ресорните министерства и да се почитуваат мерките и препораките.

- Реклама -