Градот ќе постави нови табли со куќни броеви

Годинава ќе продолжи менувањето на таблите со изменетите називи на улиците, но исто така ќе се набавуваат и ќе се поставуваат и табли со куќни броеви, со цел да се регулира нумерацијата на станбените единици во метрополата, во која изминативе 15 години интензивно се гради во сите општини и речиси сите населби, пренесува Дневник.

sdcsafdas (1)
Фото: Борјан Поповиќ

– Со оваа одлука се утврдува обврската на Градот Скопје за замена на оштетени или исчезнати таблички со куќни броеви, поставување таблички на објектите на кои е извршена пренумерација на броевите, како и во други случаи утврдени со закон. Потребата за замена и поставување таблички ја определува Секторот за комунални работи, врз основа на претходно утврдени и ажурирани податоци. Трошоците за набавка и поставување се на товар на Градот Скопје, а парите за оваа намена се обезбедуваат со Буџетот – објаснуваат градските власти.

Додадоа дека во изминатите неколку години континуирано работат на решавање на оваа проблематика за да се постават таблички со куќни броеви на секој објект на подрачјето на Градот, вклучително и на новоградбите и легализираните објекти. Објаснија дека станува збор за обемен процес и работите се одвиваат етапно.

Потребата од постојано ажурирање на податоците на куќните броеви, како што објаснуваат градските власти, се јавила со интензивната изградба и менувањето на детаљните планови. Се предвидува поквалитетно усогласување на постојната и планираната состојба, особено ако се земе во предвид дека подолг временски период не биле преземени никакви активности околу фактичката состојба, односно замената на табличките. Ова подразбира интензивирање на активностите за теренско снимање и обработка на добиените податоци.

Во врска со замената на таблите на кои се испишани старите улични називи наспроти новите имиња на 40-ина улици ,кои беа усвоени пред три години, процесот е завршен, изјавија од Градот, но тоа не значи дека шаренилото во градот со овој вид табли е решен. Не се унифицирани сите табли во метрополата според прописите и стандардите. Лани договорот за менување на таблите со улиците ја доби фирмата „Бојта“, за шест милиони денари. Новите табли се сини и освен името на улицата, на нив задолжително се наоѓа и грбот на Градот Скопје.

- Реклама -