Градоначалникот на Чаир повика на „уште малку трпение“ и граѓаните „и понатаму да се придржуваат кон неопходните мерки“

„Почитувани граѓани, свесни за сериозноста на состојбата во која е опфатена и нашата држава со појавата на вирусот Ковид-19, состојба на пандемија која се претвори во најголем предизвик на денешницата, а тешкотиите беа големи за нас како институции а верувам и за вас граѓаните.

Но покрај сите познати ситуации и последици која ги донесе самата состојба која се создаде од ширењето на овој вирус, сметам дека ние како институција и локална власт, заедно со владата и со здравствените институции, како и неопходната соработка со Вас како достојни и рационални граѓани, постигнавме да ја менаџираме, ориентираме и да дејствуваме со потребните мерки за надминување на оваа проблематика, за која не можеме да кажеме дека последиците беа и се мали“, порача денеска на прес-конференција градоначалникот на Општина Чаир – Висар Ганиу, по големиот број на новозаразени регистриран во изминатите 24 часа.

„Драги граѓани на општина Чаир, сведоци сме на фактот дека состојбата продолжува да биде проблематична. Затоа сум тука денес пред вас преку ова мое излагање да ви апелирам и да ве повикам за уште малку трпение и уште малку внимание. Почитувани, свесен сум за потрошеното трпение и желбата за враќање во нормала. Но сепак, ризикот сѐ уште постои и можноста за заразување е сѐ уште доста голема. Затоа, да бидеме добар пример во оваа состојба, а не спротивното. И понатаму да се придржуваме кон неопходните мерки, до целосно елиминрање на вирусот и завршување на оваа состојба.

Затоа уште еднаш ве молам, ви апелирам: Држете растојание, користете заштитни средства, дезинфицирајте ги рацете, бидете максимално внималтени, чувајте го здравјето, вашиот живот и животот на вашите најблиски и на целото општество“, порача Ганиу откако ги посочи активностите кои Општината ги преземала во насока на борбата против ширењето на вирусот:

„Општина Чаир беше една од првите општини која започна со кампања за сензибилизација и повик за дополнително внимание за седење дома и за подигање на свеста за превентивни мерки, употребувајќи секаков вид комуникација со граѓаните. Инициравме и обезбедивме заштитни средстава за граѓаните, здравствените работници, полицијата и други служители кои беа на првата линија на соочување со овој вирус. Ја дезинфициравме секоја населба и секоја улица во Чаир, најфреквентните јавни објекти, верски објекти, училишта, градинки, објектот на Општината, автобуските постојки на јавниот градски превоз, како и влезовите на колективните згради, во кои се поставија и средства за дезинфекција. Секое наше дејствување беше во рамките на одлуките и препораките на Владата, односно Министерството за здравство и соодветните институции“, истакна градоначалникот на Чаир.

Според податоците на Министерството за здравство, Чаир е општината со најголем број на активни случаи во главниот град на државата – 54 од вкупно 239 активни случаи на Ковид-19 во Скопје.

Чаир е и меѓу општините со најголем број новодијагностицирани во последните 24 часа; од вкупно 26 новозаразени во Скопје, најмногу има во Сарај – 6, Чаир и Бутел – 4, Аеродром – 3, Студеничани и Шуто Оризари – 2, а Кисела Вода, Арачиново и Карпош – по 1.

По бројот на активни случаи, зад Чаир се Сарај – 39, Гази Баба – 34, Аеродром – 29, Бутел – 25, потоа Карпош и Центар – 9, Илинден и Студеничани – 8, Кисела Вода – 7, Шуто Оризари и Ѓорче Петров – 5, Петровец – 3, Арачиново -2, и по еден активно заболен од коронавирус во Сопиште и во Чучер Сандево.

Во текот на изминатиот викенд, кога во државата беше воведен и продолжен полициски час поради празникот Рамазан Бајрам и Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, медиумите континуирано известуваа за сериозно прекршување на епидемиолошките мерки во Чаир и уште неколку други населби, вклучително и за времетраење на ограниченото движење.

- Реклама -