Училиштето за пијано „Модоарс“ во своите четири години постоење има преку 100 ученици, кои учат да свират пијано. Најмладите ученици во академијата имаат само пет години и голема желба да станат пијанисти. Кај сите овие деца освен љубовта кон пијаното, ќе остане и љубовта кон уметноста, како и градењето на однос кон културната сцена. Академијата нуди можност да научат композиции за филмската музика, интересни композиции и обработки за пијано, како и музика за пијано со електронска подлога, проект што се најавува за следнта година… За проектите на ова амбициозно музичко училиште сместено во ОУ Киро Глигоров, разговаравме со Eмилија Потевска – Попивода, која веќе неколку години ја води академијата „Модоарс“.
-Имам долгогодишно искуство во педагошката дејност на пијано. Работејќи со повеќе пијано методи светски, направив сублимат, односно го извлеков сето она што искуството ми покажа дека е најпродуктивно за децата. Во таа смисла напишав и четири книги за пијано, за почетници кои што на многу интересен начин, постепено ги воведуваат децата во свирењето на пијано, прават одлична основа, но најбитно е што ги ангажираат децата да сакаат со љубов да свират, тоа да им претставува задоволство, што е и наша цел. Можам со гордост да кажам дека имаме околу 10- тина талентирани дечиња пред кои што можеби би претстоела пијанистичка кариера. Тие дечиња дополнително ангажирано работат на часовите. Бевме на неколку натпревари изминатите години, освоивме преку 30 награди во различни категории, за што сме навистина среќни, тоа е еден вид доказ дека нашата работа е успешна. Но е и одлична школа за децата кои што сакаат да станат сценски уметници, вели за „Трн“ Eмилија .
За неа е најважно децата да сакаат да свират пијано и да уживаат во тоа што го прават. Да се забуваат пред се, и притоа низ игра, забава и учење прилагодено на нивната возраст, да се направи подлога кај оние деца кои што имаат предиспозиции понатаму и професионално да се занимаваат со свирење на пијано.
-Кога ќе дојдат кај нас во академијата, сите сакаат првин да си научат некоја песничка за себе. Што е интересно во овој концепт, што навистина веднаш научуваат да свират, од првиот час. Честопати и во придружба со наставникот, меѓутоа тоа им влева една самодоверба дека уште од првиот час научиле песничка. Имаме една што е најпопуларна, се вика „Шега на црните клавиши“, помалите сакаат „Twinkle Twinkle Little Star“, поголемите сакаат други композиции, некои од класичната литература како што се „Турски марш“, „За Елиза“ и други популарни мелодии на филмски теми, или пак поп, рок песни кои што ги слушаат. Така што навистина ги прави среќни и задоволни кога ќе научат да свират. Сакаат да работат на часот бидејќи ние целиот процес го правиме интересен, сето тоа оди или преку игра или преку предизвици, или преку разно разни пристапи педагошки кои што овозможуваат да им го задржат вниманието, бидејќи денес децата живеат во еден брз свет преполн со информации и ние се трудиме тоа да им го претставиме на нивниот јазик, во духот на времето во кое што живееме- вели Емилија.
Во духот на современотo време, не сите деца сакаат да ја свират класичната музика, со исклучок на оние популарни класични композиции што се општо познати. Академијата „Модоарс“ нуди можност да научат и други композиции, како што се филмската музика, некои други интересни композиции за пијано, обработки за пијано… За следната година се подготвува еден многу голем интересен музички проект со електро акустична музика, музика за пијано и електронска подлога, која што се планира да се изведе и во соседните држави.
-Се трудиме да ги следиме интересите на секое дете, бидејќи нашата желба е да им овозможиме да стекнат едно солидно, музичко, пијанистичко образование кое што понатаму во животот ќе им биде како една нова вештина со која што ќе можат да работат, објаснува Емилија.
Награда за сета работа се секако натпреварите и наградите кои не изостануваат. Студентите на „Модоарс“ само изминатата година имаат освоено преку 30 награди на музички натпревари во земјава.
А децата сакаат да настапуваат. И покрај тремата, ги сакаат сценските настапи. Со сета возбуда која ја носат натпреварите, за нив тоа е одлично искуство за градење на самодоверба, што е нешто на што исто така многу се работи во училиштето.
– Работиме на тоа како треба да се однесува на сцена, какво треба да биде држењето, поклонувањето, концентрацијата и сите тие интересни сементи кои што се дел од сценскиот настап. Речиси сите сакаат без исклучок да настапуваат иако имаме и посрамежливи дечиња кои што пак на крај успеваат да се справат со предизвикот и да излезат на сцената да свират, објаснува Емилија.
Малата пијанистка Вивиен е една ос студентите на „Модоарс“. Таа вели дека сака да свири „Moonlight Sonata“ од Бетовен, Магепсниот замок“ и „Entertainer“ и секако како и секоја сериозна пијанистка, сака да настапува пред луѓе и да има концерти. Веќе има освоено неколку награди од кои две се годинава од Штип.
Децата како малата Вивен се оние мали таленти за кои допрва ќе се слуша.