Град Скопје: Советниците од ВМРО-ДПМНЕ повеќе од две години не гласаат за набавка на нови автобуси за јавниот превоз

Град Скопје информира дека Предлог-одлуката за нови еколошки автобуси во јавниот превоз, е доставена до советниците од ВМРО-ДПМНЕ за седницата на Советот која треба да се одржи идната недела.

Во соопштението на Град Скопје се наведува дека советниците од редовите на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, кои се мнозинство во Советот, повеќе од две години не гласаат за набавка на нови автобуси за јавниот превоз.

– За Седницата на Совет на 16 јули 2024 година, по 21 пат е доставена предлог одлука за нови еколошки автобуси до советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои повеќе од две години не гласаат за нови автобуси, иако имаат мнозинство во Советот на Град Скопје. Согласно закон, градоначалник не може да донесе одлука за набавка на нови автобуси. Единствена одговорност за недостатокот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, од кои како власт и мнозинство во Град Скопје, зависи дали ќе има нови наместо дотрајани еко автобуси и подобар превоз, наведуваат од Град Скопје.

Во соопштението се наведува дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, предлага советниците од ВМРО-ДПМНЕ целосно да го контролираат процесот за набавка на автобусите.

– Оваа одлука можат да ја донесат единствено советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Како очигледна демонстрација на сила и самоволие, спротивно на деловникот и статутот, претседателот на Советот Трајко Славески, на седницата закажана за 19.06.2024 година не ја стави точката за нови автобуси на дневен ред за гласање. Иако поради недостаток на автобуси и дефекти скопјани чекаат на автобуските станици за нови автобуси, ВМРО-ДПМНЕ не гласа иако ги имаат ветено пред граѓаните на локалните избори во 2021, велат од Град Скопје.

Додаваат дека според програмата на владеачката партија која ја презентираше на локалните избори во 2021 година, стои дека до крајот на мандатот ќе испорачаат 250 автобуси.

– За потсетување претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и лично ги ветуваше новите еко автобуси за скопјани, за кои дури најави и дека преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, но досега повеќе од 2,5 години тоа ветување не се реализира, како ни неговото ветување за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје која континуирано изјавува дека лично ја поддржува. Досега според програмата требаше да се набавуваат секоја година по 50 автобуси за да се постигне квалитетот на превоз и услуги кои граѓаните ги заслужуваат и да се испорачаат до крај на мандатот 250 автобуси, стои во соопштението на Град Скопје.

- Реклама -