Постапката на Владата, од Град Скопје велат дека треба да ја следат и од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и да ги донесе одлуките во Советот на град Скопје што се неопходни за подобрување на состојбите во јавниот превоз
Секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает, се вели во соопштението што попладнево стигна од Град Скопје и во кое се поздравува владината одлука со која се овозможува на градските власти да им се дадат на заем дел од државните нафтени резерви.
Од Град Скопје велат дека доколку јавниот интерес е на прво место можно е конструктивно да се делува во интерес на граѓаните.
Сепак, оттаму ја потсетуваат Владата дека сè уште има долг кон ЈСП „Скопје“ со кој велат дека би се стабилизирала во целост состојбата во претпријатието.
„Потсетуваме дека Владата се уште има долг од 500 милиони денари кон ЈСП Скопје за студентскипт стандард и бесплатниот студентски превоз, со кои ќе се стабилизира во целост состојбата во претпријатието“,
додаваат од Град Скопје.
Постапката на Владата, од Град Скопје велат дека треба да ја следат и од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и да ги донесе одлуките во Советот на град Скопје што се неопходни за подобрување на состојбите во јавниот превоз.
Во соопштението се упатува апел, на следната седница на Советот на Град Скопје, советниците да дозволат набавка на нови автобуси за ЈСП „Скопје“, но и за отпочнување на реализација на проектот за БРТ со кој е предвидено набавка на дополнителни 60 автобуси.
„Важно е и советниците да завземат став за барањата на приватните превозници што како одлука единствено тие можат да ја донесат за во целост да се нормализира јавниот превоз“,
додаваат од Град Скопје.
Соопштението од Град Скопје доаѓа откако Владата на денешната вонредна седница донесе одлука да се вклучи во решавање на проблемот со јавниот превоз во градот. Како што информираа оттаму, донесена е одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје, поради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.
Проблемот со јавниот превоз во Скопје стана алармантен во текот на вчерашниот ден откако автобусите на ЈСП „Скопје“ престанаа да возат поради немање нафта. Низ скопските улици можеше да се забележат само оние автобуси што возат на метан.
Денеска од Бирото за јавни набавки информираа дека управната контрола увидела дека ЈСП „Скопје“ избрало неприфатлива понуда за најповолна при набавката на горивото еуродизел. Оттаму посочија дека понудата, која била и единствена поднесена во постапката, не исполнува услов што самиот ЈСП го навел во тендерската документација.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска како небулозно го оценува образложението на Бирото за јавни набавки за поништената набавка на гориво еуродизел за автобусите на ЈСП „Скопје“, поради што колабираше јавниот превоз во главниот град.
Од Јавното обвинителство соопштија дека се дадени насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП.