Гостивар: 20 милиони денари за проекти против аерозагадување, приоритетите ќе се изберат на форуми

Греењето на дрва и други понеквалитетни горива е причина број еден за загаденоста на воздухот во Гостивар во зимскиот период, додека значителен удел во аерозагадувањето има и минералната прашина од каменоломите во околината. Ова го покажало истражувањето кое се базира на едногодишни мерења и анализи, а е спроведено од страна на експерти од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ во кој Гостивар е еден од петте вклучени градови.

„Со помош на скоро година дена мерење, хемиски анализи, моделирања утврдени се главните извори на загадување. Слично како и во другите градови, во текот на зимата главен извор на загадувањето е согорувањето на биомаса и други понеквалитетни горива. Специфично за Гостивар е минералната прашина од околината, каменоломите кои ги има во поголем број и околните градежни активности. Инаку, мора да признаам дека Гостивар е еден од почистите градови. Да, вредностите просечно ги надминуват дозволените норми, но некаде за 10-15%, што не е случај со другите поголеми градови“, рече професорот Дејан Мираковски кој во Гостивар ги презентираше резултатите од истражувањето.

Презентацијата се одржа во рамки на првата форумска сесија со учество на претставници од невладин и бизнис сектор, јавните претпријатија, институции и сл.

„Целта на денешниот настан е да го слушнеме мислењето и предлозите на сите нив за намалување на загадувањето. Потоа на втората форумска сесија со гласање ќе се одредат неколку приоритети и зависно од големината на проектите, еден или два ќе се имплементираат во 2025-та година. За таа намена УНДП обезбедува 10 милиони денари, а исто толку ќе издвои и општина Гостивар, што значи ќе се вложат вкупно 20 милиони денари“, истакна раководителот на општинскиот Секторот за екологија, Зуди Џелили.
На форумската сесија учествуваше и в.д. градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани.

„Општината има годишна програма за справување со загадувањето. Направивме мрежа на мерни станици на неколку локации, во тек на годините субвенциониравме инвертери и велосипеди. Се надевам дека доколку финансиските услови ни дозволат и оваа година и наредната ќе имаме такви мерки. Исто така, учествуваме и во Недела на мобилност, во чии рамки се организира Ден без автомобили, со што ги мотивираме граѓаните повеќе да користат велосипеди и да се движат пеш.“, изјави Лимани.
Некои од препораките на експертите во борбата против аерозагадувањето се: намалување на енергетската сиромаштија, промена на начинот на затоплување на домаќинствата, спречување на палењето на оган на отворено, подобро чистење на улиците, подобра контрола на индустриските капацитети итн.
Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е имплементиран од УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и УГД, а е финансиран од Шведска.
 

Извор