„Господине Вотсон, дојдете, сакам да ве видам“

alexander-graham-bell-makes-telephone-call[1]

Внук на актер заинтересиран за пречки во говорот и син на татко што откри метод да ги научи глувите да зборуваат и на мајка што беше глува а научи да свири пијано – Александар Грахам (сега на македонски го пишуваат Грејам) Бел бил роден во семејство што отсекогаш било фасцинирано од звукот. Така, соодветно е што токму тој го измислил телефонот (спорен факт, прочитајте зошто – во продолжение).

Неговиот интерес околу звучните бранови го навел да чита дури и научни тези на германски – јазик што одвај го разбирал. Читајќи една таква, тој извлекол „погрешен“ заклучок дека звукот може да се пренесува преку жици. Во извештајот на германски не се спомнувало такво нешто, но сеедно, Грахам Бел бил уверен дека добро го разбрал напишаното и почнал да работи на она што подоцна светот го запозна како телефон.

Пред 138 години, на денешен ден (10 март), се случува историскиот настан што буквално го смени патот на човештвото: Александар Бел го воспоставува првиот успешен телефонски повик, при кој „за прв пат“ е пренесен човечки говор на растојание. „Господине Вотсон, дојдете, сакам да ве видам“ се познатите зборови кои му ги упатил на неговиот асистент во соседната соба.

Вака отприлика му звучел гласот:

Три дена порано – на 7 март, Бел го добива патентот за пронајдокот, што тој го опишува како „метод и апарат за пренос на глас и други звуци по телеграфски пат, преку создавање на електрични осцилации, слични на оние на воздухот“. Изум, чие влијание енормно расте во текот на годините и води до појавата на мобилна комуникација. 97 години подоцна, на 3 април 1973 година, Мартин Купер од Motorola го воспоставува првиот мобилен повик.

Како што рековме, Бел го губи признанието како првиот што го измисил телефонот. Бил оспоруван уште од самиот почеток.

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, во 2006-тата, реши за пронаоѓач на телефонот да го прогласи Американецот од италијанско потекло, Антонио Меучи, а не Американецот од шкотско потекло – Бел.

Antonio_Meucci_4[1]
Меучи

Според текстот на Резолуцијата, донесена на денешен ден (10-ти март) истата година, предложена од њујоршкиот републиканец Вити Фосел, Антонио Меучи го инсталирал основниот систем на телекомуникацијата меѓу сутеренот на својата куќа на островот Стејтон во Њујорк и собата на својата сопруга, која се наоѓала на првиот кат.

Тој го претставил својот пронајдок уште во 1860 година во локалните весници на италијански јазик. Во декември 1871 година Меучи побарал да го патентира својот изум. Барањето за патентирање истекло во 1874 година, но тој немал пари да го продолжи.

Две години подоцна, патентот за пронаоѓање на телефонот му е доделен на Грахам Бел, кој работел во лабораторијата каде што Меучи го депонирал својот материјал.

Уште во 1887 година, во судењето поради измама, американските власти  се обиделе  да го поништат патентот што му е доделен на Бел. Но, по смртта на Меучи, во 1889 година, случајот е затворен  и е усвоено дека телефонот е изум на Александар Грахам Бел. „Вистинскиот пронаоѓач на телефонот” никогаш не беше обелоденет.

- Реклама -