Горилата што со живот ја плати човековата глупост

Официјалните лица во зоолошката во Синсинати вчера убија горила на лице место, откако 4-годишно момче падна во кафезот на мајмунот. Според Би-Би-Си, момчето паднало во каналот со вода во рамките на кафезот, по што било одвлечкано од Харамбе – 180 килограми тешка горила. Ужасот траел 10 минути.

Не е јасно дали горилата се обидувала да го повреди малото момче. Реакциите на видеото (подолу) се измешани, макар што огромен дел од нив се лути на тоа како зоолошката реши да ја реши ситуацијата.

Дел од настанот е снимен, ама гледајте на сопствен ризик:

Директорот на зоолошката Тејн Мејнард изјави: „Официјалните лица направија тежок избор, ама го направија правилниот избор бидејќи му го спасија животот на тоа момче. Можеше да биде многу лошо“. Тој призна дека Харамбе не изгледал како да го напаѓа детето, но тоа дефинитивно беше реална можност, а „ситуацијата на животна опасност бараше да биде направен тежок избор“. Реално, доволни се само неколку секунди мајмунот да го фрли 4-годишникот преку кафезот и/или да го распарчи на делови. Средство за успивање исто така не е опција, затоа што му е потребно време пред да почне да делува, а во таа временска меѓузона горилата би можела да се вознемири и исплаши и да го повреди детето.

По смртоносниот истрел кој ѝ го оконча животот на 17-годишната горила, детето било пренесено во болница, каде што беше констатирано дека нема посериозни повреди.

Ова не е првиот инцидент во кои официјални лица од зоолошка градина застрелаа животно во кафез. Минатата недела чуварите во зоолошка во Чиле застрелаа два лава, откако човек скокна во нивниот кафез.

***

Иронијата е огромна: чуваме животни во кафези како робови, а потоа ги убиваме заради поединци од нашиот сопствен род кои се доволно глупави да скокнат во „ќелијата“ на дивите и опасни животни. 4-годишново момче не спаѓа во нив; тоа не е глупаво, веројатно само гледало премногу Дизни, како и сите други што самоуверено тврдат дека горилата била заштитнички настроена и дека немало шанса да го повреди детето.

Подеднакво делузионални се и тие што сметаат дека детето заслужило да го изгуби животот само заради глупавоста на своите родители. Веројатно најразумни се тие што ќе се запрашаат како е можно детето да им биде вратено на така неодговорни родители, ама еве и еден забавен факт, колку да ги опфатиме сите аспекти: ни вашите родители не ве пазеле 100% од времето. Прво и основно, на возрасните не им е лесно да провалат во умот на децата и да сфатат дека детето би помислило да се прекачи и да го погали мајмунот. Второ, родителиве биле со повеќе деца.

Можеби во случајов се работи за чиста неодговорност, ама факт е и дека несреќи се случуваат и дека тешки одлуки некогаш мора да бидат донесени. Наместо да урламе дека чуварите во зоолошката не требало да ја убијат горилата, треба да сме зафатени со преиспитување на многу други наши пракси кои се поврзани (и неповрзани) со настанот. 4-годишно дете не би требало да плати со живот само за ние да имаме една дамка помалку на ионака гнасниот образ. Ама оди кажи им го тоа на тие што протестираат пред зоолошката и на интернет со хаштаг „Правда за Харамбе“.

- Реклама -