Ѓоргиев: Тоа што синтагмата „заедничка историја“ не е прецизно дефинирана во договорот ѝ дава слобода на Бугарија во толкувањето

Синтагмата „заедничка историја“ е употребена во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, но тоа што во истиот не е прецизно дефинирана (се спомнува само еднаш, во сосема отворен контекст, н.з.) тоа ѝ дава слобода на бугарската страна да ја толкува со исклучиво етничка содржина – дека се работи за историја на еден ист народ, посочи во „Топ Тема“ на ТВ „Телма“ претседателот на македонскиот дел од мешовитата комисија за историски прашања – Драги Ѓоргиев.

„Според бугарските колеги, ‘заедничка историја’ значи историја на еден народ, односно на бугарскиот народ од 9 век до 1944 година, кога со формирањето на Народна Република Македонија, во рамките на Федеративна Југославија, беше преку ноќ создаден македонскиот народ, според нивното толкување. Бугарската страна го следи концептот на нација, на историска нација чие формирање започнало во 9 век со, како што тврдат тие, трајна етничка хомогенизација на прабугарското население и на словенското население на територијата на првото средновековно бугарско царство. Тогаш е создаден бугарскиот народ и тој континуитет на бугарскиот народ продолжува до 1944 година и на територијата на Македонија, и затоа тие заедничката историја ја сметаат како историја само на еден народ, односно на бугарскиот народ. Се разбира, ние дојдовме во остар конфликт со нив околу тоа, бидејќи ние не го прифаќаме таквото толкување на таа синтагма“, објасни Ѓоргиев.

Тој посочи дека историографијата, како наука, развила неколку концепти преку кои можат да се објаснат допирните точки меѓу две задници, две држави, две култури, а тоа се термините кои се користат во историографијата како „испреплетена“ историја, „споделена“ историја, „заедничка“ историја.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

„Значи ние можеме да зборуваме за заедничка историја, јас би рекол во рамките, на пример, на Османлиската империја. Ние имаме заедничка историја со сите народи на Балканот кои биле во рамките на таа империја, бидејќи сме живееле во исти општествени услови, населението имало еден владетел, плаќале исти даноци, и сето тоа го прави заедничкото живеење на едно население. Во таа смисла имаме заедничка историја и со поранешните народи на Југославија. Се разбира, во рамките на сите тие заедници постои посебна микро историја, микро култура, фолклор на сите заедници, меѓутоа не можеме да кажеме дека немаме заедничка историја со сите народи кои беа во рамките на таа заедница“, вели Ѓоргиев.

Според него, тврдењето дека постои „заедничка историја“ на еден етникум – на бугарскиот народ од 9 век до 1944 година, односно дека тоа е „заедничка историја на само еден народ“,  е научно неодржливо и едноставно неприфатливо.

Сепак, додаде Ѓоргиев, разговорите во комисијата мораат да продолжат, како дел од процесот на дијалог меѓу двете држави со цел отворање на пристапните преговори со Европската Унија.

„Историската комисија е еден дел од тој процес и тогаш не постои друг начин освен да се продолжи со дијалогот. Ние се трудиме да биде што понезависен од политиката и на што повисоко научно ниво. Мора да се запази рамноправноста и достоинството на двете страни“, додаде претседателот на македонската страна во комисијата.

Извор: МИА

- Реклама -