Ѓоргиев: Терминот „заедничка историја“, така како што го сфаќа Бугарија, е неприфатлив за македонската страна

Терминот „заедничка историја“, иако сам по себе не е проблематичен, за македонската страна од мешовитата историска комисија со Бугарија е неприфатлив така како што го сфаќаат Бугарите, изјави за „ТВ24“ македонскиот копретседавач со комисијата – Драги Ѓоргиев. Посоодветен и поприфатлив термин би бил „испреплетена“ или „вкрстена“ историја, вели тој.

„Во однос на терминот ‘заедничка историја’, тоа веќе беше на извесен начин дискутирано во нашата и во бугарската јавност… тоа е термин кој е присутен во македонско-бугарскиот Договор за добрососедство и тој термин не е дефиниран во самиот договор, туку е употребена една синтагма ‘заедничка историја’.  Проблемот овде е што терминот ‘заедничка историја’ од бугарска страна се сфаќа многу симплифицирано, многу елементарно – дека тоа е заедничка историја на еден народ започнувајќи од 10. век па сѐ до 1944 година, односно дека дотогаш тоа е историја само на бугарскиот народ. Тоа е нивното толкување на терминот.

Тој термин не е проблематичен термин кој ние не би можеле да го прифатиме, меѓутоа не на начинот на кој тие го толкуваат. Она што е поприфатливо за македонската страна, според мене, е ‘испреплетена историја’, ‘вкрстена историја’, во која може да се видат влијанијата на Бугарија и на бугарската национална идеја врз развојот на националната идеја во Македонија. И тоа не само на бугарската национална идеја, туку и на грчката и на српската. Сите тие елементи овде се испреплетуваат и сите национални идеи на Балканот се испреплетени меѓу себе, тие влијаат едни врз други, тоа е неминовно на овој простор во рамките на Османлискиот контекст. Тој термин сметам дека е поприфатлив за да се објасни развојот на настаните од крајот на 19. век и почетокот на 20. век, односно терминот ‘испреплетена историја’ или ‘вкрстена историја’, отколку елементарното, премногу симплифицирано, би рекол етноцентрично толкување на терминот заедничка историја“, објасни Ѓоргиев.

Прашан дали Владата, во случај на некаков политички компромис, треба да се консултира со македонските историчари од комисијата, Ѓоргиев вели дека тоа е неопходно во сите сегменти во кои се зборува за некакви идентитетски димензии на спорот со Бугарија.

„Мора да има консултации не само со историчари, туку мора да се има и со јазичари, мора да се има со антрополози, со социолози… затоа што тоа е еден комплексен проблем и не се сведува сѐ на историјата. Тоа е проблем во кој сите хуманитарно-општествени научници и науки мора да бидат вклучени“, рече претседателот на македонскиот дел од мешовитата историска комисија.

Во однос на резолуцијата за македонските „црвени линии“ што е на пат да биде усвоена, Ѓоргиев потврдува дека таа неизбежно ќе влијае на комисијата, но дека тие, како историчари, како и досега ќе настојуваат да држат дистанца од сите политички аспекти во спорот, без оглед од која страна доаѓаат, а да се водат само од својот научен кредибилитет. Целиот разговор погледнете го ТУКА.

- Реклама -